Според пропозициите, за добитникот да може да си ја подигне наградата од повеќе од 800.000 евра, тој мора да одржи и некој вид предавање или подолг говор. Ама и за ова Дилан направи преседан - исто како што пред два месеца ја прими наградата само во присуство на Комитетот и без медиумско покривање, сега говорот го сними аудио и не дозволи никаков транскрипт (што е единствен ваков случај до сега, бидејќи говорите вообичаено се објавуваат на сајтот на Нобеловата награда).
Тој 25-минутното обраќање го започнува, придружено со тивка и бавна пијано музика, со сеќавања на своите почетоци и на влијанието кое врз него го имаат извршено кантри и блуз баладите. Но веднаш потоа почнува со наведување на своите книжевни инспирации - Моби Дик, На Запад ништо ново и Одисејата. Паѓа во севдах зборувајќи за темите, содржината и атмосферата на секое од овие дела, за кои вели дека не мора да знаеш што точно значат за да бидеш трогнат од нив:
„Ако одредена песна те погоди, тоа е единственото што е важно. Не мора да знам што значи таа. Имам напишано секакви работи во песните, и нема сега да кршам глава што сум сакал да кажам“.
Сепак, во еден момент не издржува да му контрира на Нобеловиот комитет, велејќи дека песните не се како книжевноста и дека тие се напишани за пеење, не за читање. „Исто како што зборовите од Шекспировите драми се создадени за да се играат на сцена, така и стиховите во песните треба да се пеат, не да се читаат на хартија“.
За крај, тој го цитира Хомер: „О пеј во мене, музо/И преку мене, раскажи ја приказната“
Или со гласот на Дилан, во целосното аудио: