Книгата „Двобитна култура: мекиот повез во Америка" на популарниот историчар Кенет Дејвис ја опишува револуцијата која ја има направено мекиот повез „кој им овозможил на американските писатели да пронајдат милиони читатели". Масовното објавување на вакви изданија, кои биле значително поефтини од дотогашните во тврд повез, и оттаму подостапни, направила огромни промени во социјалниот, културниот, образовниот и книжевниот живот.
Покрај овој несомнен факт, Дејвис во книгата изнесува и изненадувачки статистики за реалниот број книжарници кои во триесетите на минатиот век - моментот кога започнала наведената промена - работеле во цела Америка. Според податоци од Националното здружение на издавачи на САД, во 1931 имало 4000 места каде можело да се купи книга, но тоа главно биле продавници за подароци и канцелариски материјал кои држеле само популарни наслови. Реални книжарници имало само 500, кои биле редовно снабдувани од трговски патници на издавачките куќи (кои биле исклучиво мажи). Од овие 500, повеќето биле рафинирани, старовремски продавници, кои опслужувале елитна клиентела во 12-те најголеми градови во САД.
Освен тоа, две третини од американските држави, или 66% имале точно - 0 книжарници. Тоа очигледно било мал бизнис концентриран во урбаните области од земјата. Дали тогаш излегувале од печат и се продавале одлични книги? Секако! Но тие биле наменети само за мал процент луѓе во земјата кои биле целна група на издавачите - софистицираните урбани елити. Тоа не значи дека народот не знаел да чита: во 1940 УНЕСКО проценил дека 95% од возрасното население во Америка е писмено. Работата е во тоа што огромен број возрасни не биле сметани за дел од културниот потфат на издавање книги. Луѓето, се сметало, главно читаат весници, Библијата и стрипови, но не и книги.
Кога денес луѓето го коментираат хаосот во интернет издаваштвото и велат дека квалитетот на пишувањето - барем на англиски - опаднал, тие всушност споредуваат баби со жаби. Тие ги земаат врвните дела од историјата на литературата, кои се одраз на вкусот на некогашните читатели и автори, кои имале поинакво образование и начин на живот, и го споредуваат со целиот тој куп пишан материјал на интернет, кој е одраз на вкусовите и способноста за пишување на несразмерно поголем број луѓе од различни културни контексти и од различно време. Да, можеби интернет го влошил начинот на кој пишуваме, но тоа никогаш нема да го докажеме со споредба на Хемингвеј со денешните блогови. Без оглед кој е тука бабата.