Во 2015 Бостон Глоуб (а примерот го следеа и голем број други медиуми) со не мала доза на задоволство напиша дека говорот што го одржа Трамп при објавувањето на кандидатурата можел да биде сфатен од дете од четврто основно. Наспроти ова, говорите на другите кандидати како Хилари Клинтон, Тед Круз и Марко Рубио беа проценети како текст разбирлив за повозрасни.
Лесно беше да се поверува во овие наоди, бидејќи на крајот на краиштата Трамп е десничар и популист, а академската фела долго време ја промовира идејата дека популистичките лидери користат едноставен јазик за да им се приближат на „обичните луѓе“ и да се дистанцираат од лингвистички комплицираните елити.
Но ново истражување објавено во The Conversation покажува дека ако се земат предвид не одделни примери, туку поoбемен корпус говори на популистичките лидери, ова не е случај.
Истражувачите зеле предвид датабаза од повеќе од еден милион зборови на десничарски водачи и нивните не-популистички опоненти во САД, Италија, Франција и Британија. Биле анализирани по најмалку 100,000 зборови по водач, од нивни говори одржани во тек на подолг временски период, со користење на алатки за проценка на јазичката едноставност (како тестови по англиски јазик за основно училиште и слични за италијански и француски). Овие мерки се базирани на идејата дека колку што има повеќе пократки зборови и реченици во еден текст, толку тој е полесен за разбирање.
Предвид биле земени и јазичката густина (бројот на зборови кои пренесуваат значење), лексичкото богатство (бројот на различни зборови) и присуство на зборови кои се сметаат за тешки во секој од јазиците.
Од десничарите биле вклучени Трамп, Матео Салвини, Најџел Фараж и Марин Ле Пен. Од опонентите биле земени предвид Клинтон и Макрон, а во Британија и Италија главните претставници на центарот и левицата во периодот 2014-2016.
Резултатите ги изненадиле и самите истражувачи. Најпрвин, јазот помеѓу Трамп и Клинтон од 2016 не бил толку голем колку што тоа е претставувано во медиумите. Говорите на првиот биле на ниво на шестоодделец, а оние на Клинтон на седмоодделенец. Во Италија резултатите се уште понеочекувани - Салвини кој нема завршено факултет бил поедноставен по само еден критериум од неговите опоненти, кои се дипломирани правници, лидерот на Демократската партија Матео Ренци и лидерот на Новата централна десница Ангелино Алфано.
Во Британија наједноставно се изразувале дипломецот од Оксфорд и шеф на лабуристите Ед Милибанд, а не Фараж. Последниов „победил“ во сложеноста поради должината на своите реченици споредени со оние на Милибенд и поранешниот премиер и лидер на конзервативците Дејвид Камерон. Додека речениците на Милибенд во просек биле долги 13.99 зборови, на Камерон биле 15.49, а на Фараж дури 24.61.
Во Франција пак Ле Пен постојано користела покомплексен јазик отколку некој кој излегол од елитната Национална школа за администрација, како Макрон. Нејзините говори биле оценети како „тешки“, додека оние на Макрон биле „стандардни“.
Како да се објаснат овие контраинтуитивни резултати?
Една можност е дека стереотипно покомплицираните левичари почнуваат да се приближуваат до популистичкиот дискурс, надевајќи се дека на тој начин ќе придобијат гласачи. Ова веројатно не го направиле самите, туку следејќи совети од професионални советници. Но истото можеби се случувало и на спротивната страна - и десничарите одлучиле дека е доста од имиџот на некој кој користи само двосложни зборови и не знае што е точка запирка. Во француските интелектуални води исто така е важно дали некој копира туѓ (читај англиски) тип на изразување, во случајов американскиот дискурс на прецизност и краткост во изразувањето, а не „барокниот“ француски. Оттаму можеби и ставот на француските националисти кои се против глобализацијата и културната хомогенизација, и ова го искажуваат и преку поголемата комплексност на својата реторика.
Тогаш, од каде уверувањата дека популистите користат попрост јазик? Ова се вклопува во генералната слика за нив која се обидуваат да ја создадат нивните опоненти како попримитивни во секој поглед („небањати“, помалку образовани, генерално глупи). Но кога некој без емоција ќе направи статистичко истражување како гореспоменатото, оваа теза паѓа во вода.