Mоже да патуваш во минатото а да не ја загрозиш иднината

Бројни научно-фантастични книги и филмови го користат парадоксот на тоа што би се случило доколку се вратиш назад во времето и направиш нешто (во минатото) што би ја променило иднината, најчесто на полошо. Ама според најнови истражувања минатото е малку потврдоглаво отколку што сме мислеле.

Веројатно еден од најпознатите поп-примери за парадоксот на патувањето низ времето е од „Назад во иднината“, кога Марти МејФлај се враќа во минатото и за малку ги спречува неговите родители да се „фатат“, што значи дека го загрозува сопственото постоење. Антологиската сцена е од првиот дел, каде тој со бенд на школската игранка ја свири „Ангел на земјата“ (Earth Angel) додека татко му си се бори за правото да игра со убавата идна сопруга. Иако најпрвин Мартин почнува да исчезнува од семејната слика, а и физички да му се слошува, кога Џорџ МекФлај конечно го оттурнува конкурентот, работите си доаѓаат на свое место.

Но можеби МејФлај помладиот не бил воопшто во опасност. Според нова статија на истражувачи од Универзитетот во Квинсленд под не-толку-поп наслов „Реверзибилна динамика со затворени временолики јамки и слободата на изборот“, објавен на 21 септември во списанието Класична и квантна гравитација, дури и да е можно да се патува низ времето, парадоксот не би можел реално да постои.

Според нив дури и да смениш нешто во минатото, хронологијата на настани ќе се само-корегира, обезбедувајќи дека сите настани до твоето временско патување сепак би се случиле.

Да речеме дека патувате низ времето за да спречите нултиот пациент да фати Ковид-19. Но самиот овој чин би ја елиминирал мотивацијата за вашето враќање и запирање на пандемијата. Ова е самото по себе парадокс - неконзистентност што често води до тоа луѓето да мислат дека во нашиот универзум патувањето низ времето не е можно.

Тој (парадоксот) до сега им има создавано главоболки на генерации истражувачи, делумно затоа што според теоријата на генерална релативност на Ајнштајн, „затворените временолики јамки“ се можни, теоретски овозможувајќи му на набљудувачот да се врати во времето и да комуницира со минатото „јас“ - потенцијално загрозувајќи го сопственото постоење.

Но овие научници велат дека ваквиот парадокс не би морал да постои, затоа што настаните би се прилагодиле: ако не го запрете нултиот пациент да се инфицира, тогаш вие би можеле да го фатите вирусот и да го заземете неговото место, и епидемијата повторно би се случила. Со други зборови, патникот низ времето може да направи промени, но она што требало да бидне пак ќе се случи, само можеби на поинаков начин.

Ваквиот фатализам во македонскиот фолклор е одамна познат и потврден низ вековните искуства. Гласи: од пишаното не се бега. Дури ни напред, односно назад низ времето.

1 октомври 2020 - 16:15