Дали модерните духовни практики поттикнуваат (а не спречуваат) нарцисоидност?

Јога, медитација, разни техники за „работа на себе“ - сето тоа би требало да го смири егото и да претставува антидот на самобендисаност и фокусираност на сопственото „јас“. Ама ако е така, зошто има толку многу Инстаграм селфиња на луѓе во јога пози?

Изминатите години неколку високо квалитетни студии почнаа да укажуваат на постоењето на тн. „духовна нарцисоидност“ помеѓу оние кои се занимаваат со нешто што самите го опишале како духовна практика. Ова е иронично, бидејќи тие во принцип би требало не да го потенцираат, туку обратно, да го стишаат егото. Во една од нив на Јохен Гебауер и неговиот тим од универзитетот во Мајнхајм биле следени 93 вежбачи на јога, во тек на 15 недели. Мерено е нивото на нивната фокусираност на себеси, споредено со луѓе кои не вежбале, со тоа што требало да одговорат на следново прашање по секоја сеанса: „Фокусирањето на вежбите во текот на целиот час, измерено на скала од 1-5, воопшто не ми е важно, односно ми е од суштинско значење“.

Предвид е земена и карактеристиката „колективистичка нарцисоидност“, често потценета форма, според која човек смета дека самиот може да го спаси светот и дека е најкорисниот од целата група односно колектив. Таа е поврзана со чувството на грандиозност, ароганција и прекумерна самодоверба.

Резултатите покажале повисоки нивоа на фокусираност на себеси, повисока самодоверба и колективистички нарцизам помеѓу оние кои само што завршиле со час по јога, во споредба со оние кои воопшто не вежбале во изминатите 24 часа. Но ова истовремено играло кучна улога во проценката на благодетите од вежбањето, бидејќи истите опишани нешта им ја зголемувале самодовербата на практикантите и со тоа правеле тие да се чувствуваат подобро. Овој наод упатува на идејата дека добивката од оваа духовна практика за испитаниците се состоела НЕ во стишување на егото, туку напротив, во неговото зајакнување.

Во вториот експеримент следени се 162 поединци кои практикувале медитација во тек на четири недели. Овој пат директно се мерени хедоничната благосостојба (среќа и задоволство од животот), како и еудамоничната благосостојба (високо ниво на автономија, личен раст, позитивни релации со другите, самоприфаќање и др.).

Резултатите повторно покажале не намалување, туку нагласеност на фокусираноста на учесниците на самите себе, како и (повторно) на поврзаноста на ваквите ефекти на медитацијата со високото ниво на благосостојба, од двата спомнати видови.

Важно е да се нагласи дека истражувањата се однесувале само на западни учесници, но и тоа дека помеѓу нив имало и напредни практиканти. Сите резултати укажуваат дека она што се перцепира како работење на себеси во духовна смисла, може да вклучува такви практики, и да поттикнува точно онакви особини, какви што наводно би требало да „лечи“, односно да превенира - илузија на супериорност, арогантност, ограниченост и хедонизам, а притоа сето тоа да го прикрива со стремеж за „повисоки“ вредности. Оттаму и сите оние селфиња на луѓе среде (наводна) медитација и во лотус пози, како сигнали кон другите, дека тие водат здрав и пред сè богат духовен живот.

извор

21 март 2021 - 13:17