Да се истражуваат маргинализираните актери на некогашните општествени пракси, особено кога станува збор за специфични области како што е музицирањето на традиционални инструменти, не е лесно. Тоа е така затоа што нивната активност најчесто е само попатно документирана и под големо влијание на романтизираната претстава за мажот како носител и симбол на херојската традиција на епското пеење.
Ова е ставот на Ива Нениќ, авторка на нова книга под наслов „Гусларки и свирачки на традиционални инструменти во Србија“. Во текст објавен во белградско Време, таа објаснува дека музицирањето на жените на вакви „машки“ инструменти главно се толерирало доколку станувало збор за жена-машкуданка, или доколку нејзината виртуозност била толку посебна што немало друг избор па тоа морало да се прифати како преседан. Таква, виртуозна, била Олга Ковачевиќ (на сликата доле), а денес во Србија е активна младата гусларка Бојана Пековиќ, која често настапува со нејзиниот брат на хармоника (следното видео има над милион и пол прегледи):
Она на што потсетува Нениќ е дека ова сепак не се единствените гусларки во Србија. Уште Вук Караџиќ ги запишал слепите Живана и Јеца, мајсторка и нејзина ученичка, кои зад себе оставиле некои од најубавите песни на српската народна поезија. Освен овој познат пар, постоеле и одреден број слепи гусларки кои денешната култура не ги величи како претставници на националната традиција. Таква е извесна Ружица, која е славена од своите современици од 19 век како „Хомер на српските слепици“, и „тета Нага“, слепа гусларка од Црна Гора која во првата половина на тој век патувала на коњ и заработувала со гуслање со таква вештина што ниту еден маж не можел да ѝ се фати за мал прст.
Има и постари белешки за оваа пракса - во записите за пиротскиот панаѓур од 1611 кои ги оставил францускиот патописец Пјер Лефевр, тој бил воодушевен од вештината на две слепи гусларки кои тогаш настапувале, и констатирал дека тие произведувале „пријатен, висок тон“ на своите инструменти.
Спомнатата Олга Ковачевиќ, која била славна гусларка во 19 век, во своите дневнички записи вели дека „би можела вечно да гуда“, но дека во тоа ѝ пречат „домашните обврски“.
Освен гусли, жените свиреле и на други народни инструменти, како кавал, дајре, тамбура, па дури и гајда. Постоеле и денес речиси исчезнати инструменти кои биле ексклузивно женски домен, како долги сигнални дувачки инструменти „дудурејш“, на кои влашките жени свиреле во пар, или пеење придружено со вртење тепсија како интеретничка женска музичка пракса на Балканот.
Денес како да има повторно оживување на оваа сцена, па освен спомнатата Бојана Пековиќ актуелна е и младата изведувачка на фрула, Неда Николиќ.
извор (со претплата)