„Блурб", како што се нарекува на англиски, е краток опис на книга, обично напишан на задната корица, чија цел е да ја изрекламира, и во крајна линија да ја продаде. Џингл-рецензијата (да ја наречеме така на македонски, во недостаток на подобар збор), секако треба да биде ударна, пофална и по можност потпишана од некој веќе познат автор, кој со своето име на тој начин гарантира дека книгата е ок.
Самите автори главно се против ваквиот начин на зипување и пласирање на содржината на нивните книги, а една од нив ги има наречено ваквите осврти „апсолутно грозни". Нивните пишувачи веќе се на мака да измислат што помоќни придавки за да ги „надрецензираат" конкурентните дела, па така се доаѓа до чудни зборови како unputdownable (невозможно да се остави непрочитана).
Ако уште во 1936, во неговиот есеј „Во одбрана на романот" зборуваше за „одвратните помии напишани на задните корици", тогаш зошто тие се уште опстојуваат?
Нивниот ефект врз продажбата е очигледно голем штом и покрај сите критики тие и понатаму се популарни. Сепак, никој тоа реално не може да го измери, па еден писател вели дека тие се „малку како вермут во мартини: не може да штети, а може да има добар ефект". Целиот процес функционира отприлика вака: авторот и неговиот уредник се договараат, пред печатењето на книгата, да ја испратат таква, се уште во ракопис, на повеќе адреси, на пријатели, соработници или луѓе со реноме во областа, кои би биле подготвени да напишат збор-два. Секако, има и рок, и често овие луѓе немаат време навистина да ја прочитаат книгата која се очекува да ја пофалат. Некои од нив добиваат и по пет ракописи за рецензирање дневно.
Но има и такви кои се имаат испраксирано во оваа вештина - еден од нив, Гери Штејнгарт, и самиот писател, има направено повеќе од 150 вакви осврти, за кои има отворено дури и свој блог (благо потсмевајќи му се на жанрот, а и на себеси).
„Ја гледам првата реченица. Читам по случаен избор. Понекогаш се обидувам да ја прочитам дури и целата - но да не се лажеме, колку можеш да прочиташ?“ - вели тој без фолирање. „Имам споредувано луѓе со Шекспир, со Толстој, со кого било. Подготвен сум на сè'"
Потеклото на самиот жанр, и на името „блурб" е од 1907, од книгата „Дали сте бромид?" на хумористот Гелет Бурџис (Gellet Burgess), на која една жена по име Белинда Блурб ја фали книгата на самата корица. Претходно, истата постапка е забележана на второто издание на „Страци трева" на Витман (слика горе), на кое самиот автор имал ставено реченица од приватно писмо кое го имал разменето со Емерсон, во тоа време многу попознат поет од Витман. Реченицата испечатена на грбот од книгата гласела „Те поздравувам на почетокот на голема кариера", а Емерсон ја напишал во писмото откако го прочитал првото издание.
Но колку од денешните осврти се навистина волку искрени? Во македонското издаваштво тие не се толку чести како во други контексти, но можеби сепак има некој терк по кој може да се процени дали се тие напишани само колку да помине редот или се вистински препораки. Ако некого споредуваат со Шекспир или Толстој, на пример, можеби би требало да се посомневаме.