Дали и вие имате необични соништа деновиве?

Малку време требаше да помине од пандемијата, па луѓе низ целиот свет да почнат да известуваат дека нивните соништа станале поживописни, побизарни од обично. Истражувачите се обидуваат да објаснат зошто.

Ќе почнеме од еден раскажан сон: сонувачот ползи по улица обидувајќи се некаде да стигне, очигледно за да добие помош. Одеднаш пред него здогледува две (машки) нозе во бели хеланки и сукњичка од тантела. Од рамењата висат прозрачни крила, како на вилино коњче. Не може да го види ликот поради сонцето, но „ангелот“ вели - „Нема да стигнеш“.

Вакви и многу поапсурдни соништа деновиве раскажуваат луѓе од сите континенти, припишувајќи ја живописноста и впечатливоста на она што го сонуваат на необичниот период низ којшто поминуваме. Нивниот број е очигледно веќе толку голем, што веќе постои и посебен термин - коронавирус соништа. „Чудни соништа“ е израз кој е двојно почесто гуглан оваа година во споредба со минатата.

Одамна се знае дека бизарните соништа полни со симболика им овозможуваат на сонувачите да надминат интензивни спомени или секојдневни психолошки стресори, додека се на безбедно во нивното потсвесно. Кошмарите можат да бидат и предупредување за висока вознемиреност која во будниот живот не ја регистрираме. Во период кога стотици милиони луѓе се дома во тек на пандемијата, некои експерти за соништа веруваат дека повлекувањето од нашата вообичаена околина и од дневните поттици ни ја одзема „инспирацијата“ за она што се случува во соништата. Така потсвеста мора да црпи теми од нашето минато, на кое можеби не сакаме да се потсетиме, или кое ни оставило лузни. Секако, генералната вознемиреност (без оглед дали будни ја признаваме или не) придонесува за емоционалниот интензитет на „корона“ соништата.

Во моментов пет истражувачки тимови во неколку земји собираат примери на соништа кои се сонувани во тек на изолација и каранти поради пандемијата. Според нив, невробиолошките сигнали и реакции кои ги произведуваат соништата се слични со оние предизвикани од психоделични дроги, а резултатот е познат како „емоционална деинхибиција“ (спротивно од инхибиција - потиснување), состојба во која емоциите ја преплавуваат свеста, особено во тек на фазата на тн. РЕМ фаза на сонот, кога вообичаено сонуваме.

Исто така вообичаено не ги памтиме соништата. Но лесниот сон и тн. парасомнија (кога повеќе пати во текот на ноќта се будиме) кои многумина мачат деновиве, овозможуваат и подобро памтење на соништата.

Според една од институциите кои учествуваат во големиот „сонувачки“ проект, Центарот за невронаука во Лион, Франција, пандемијата предизвикува 35% подобро паметење на соништата кај учесниците, кои пријавиле 15% повеќе негативни соништа од вообичаено. Помеѓу оние кои пријавуваат вакви соништа се главно оние блиску до „епицентарот“ на настаните - здравствени работници и оние чии семејства се погодени од болеста. Во нивните соништа таа понекогаш е присутна во буквална смисла, но и како метафора - во форма на инсекти, зомбиња, природни непогоди, необични ликови, чудовишта или масовни убијци.

Постојат повеќе сугерирани методи за контролирање на сопствените соништа, на пример со правење некакво „сценарио“ кон кое би се придржувале доколку сонот тргне кон лошо - на пример претворање на напаѓачот во мравка. Поентата е сонувачот да може да си каже „ова е само сон“ и така полесно да го поднесе она што му се случува во него, како да станува збор за некаков филм или игрица. И да му послужи како филтер на негативните мисли, кои се собираат во текот на денот за ноќе да се „повампират“ токму во соништата.

Ако имате некој неодамнешен сон што сакате да го споделите и да ви олесни, тука.

извор

23 април 2020 - 16:50