Идејата за Грците како симбол на „белоста“ е длабоко вкоренета во западната култура. Како што покажува нова книга на Дона Цукерберг, „Не сите мртви бели мажи“ (2018), таа жестоко се промовира од дел од радикалната десница, која на себе гледа како на потомок на (наводната) европска воена машкост. Расизмот така станува не само културна, туку и емоционална категорија.
Во обид таа барем малку да се рационализира, Тим Вајтмарш, професор по грчка култура на Кембриџ, во текст за Аеон анализира како самите Грци ги перцепирале разликите во бојата на кожата. Се покажува дека тие не ја делат модерната, западна опсесија со класификациите врз основа на нечиј пигмент.
На пример, Ахил во „Илијадата“ е опишан како некој кој e xhantos, што често се преведува како „русокос“. Но палетата на бои на старите Грци не соодветствува стопроцентно на модерниот англиски. Па така, истиот збор може да се употреби и за нешта кои се кафени, жолтеникави или златни. Понатаму, зборот argos, се користел за нешта кои ние би ги нарекле бели, но исто така и за молњи или за брзи кучиња, значи не означувал само боја туку и некаков проблесок. Khloros (како во „хлорофил“) се користи за зелена вегетација, но исто така и за песок крај морски брег, за солзи и крв, и за нијанса на кожа на оние кои се преплашени. Значи за нешта кои имаат квалитет на влажност, зеленикави, но не и само тоа.
И сега доаѓаме до проблемот со бојата на кожата, на пример онаа на Одисеј. Во „Одисејата“, кога божицата Атина магично му ја менува појавноста, се вели: „Тој повторно стана црнокожест (melagkhroies)“. Дали ова значи дека тој бил црнец? Или тој бил „исончан“? Можеби „темен“?
Она што ние го читаме како расна одредница за старите Грци можеби воопшто немало такво значење, туку се користело на ниво на поетска асоцијација. „Црното“ можеби е симбол на некаков внатрешен мрак, на морална деградација или на измамништво, на кое не се имуни ни хероите.
„Црно“ (melas) и бело (leukos) се и родово одредени термини: жените се фалени за нивните „бели раце“ но не и мажите. Да му се каже на некој маж дека е „бел“ за старите Грци значело дека тој е феминизиран. И обратно, ако Одисеј е „темнокожест“ тогаш можеби тоа е знак на неговата машкост, и опстојување на карпестата Итака.
Оттаму, да се постави прашањето дали Ахил и Одисеј биле црни или бели значи погрешно да се чита Хомер. Боите тука не служат за расна категоризација, туку на карактеризацијата на поединците. 19-вековната расна теорија ќе биде конструирана многу подоцна, а во тој момент мислењето во расни термини уште не функционирало на начин на кој тоа се случува денес. И самите Грци, иако се дефинирале како побели од потемните народи на Африка и Индија, сепак се опишувале и како „побледи“ од луѓето од северот. Но сигурно би се чуделе доколку би знаеле дека некој ги прогласил за симбол на „најбелите“.