Нафтата отсекогаш била користена од луѓето: како лепило од страна на неандредалците, како водоотпорен материјал на Ноевата арка, како оружје во текот на Крстоносните војни. Нејзиното ископување од земјата во големи количини го трансформирало начинот на којшто осветлуваме, загреваме и напојуваме со енергија. На овој природен феномен со несогледливи социјални, економски и еколошки последици е посветена нова книга, „Цевка поминува од тука“ (A Pipeline Runs Through) на Кит Фишер, која е оценета како свежа, сеопфатна и детална анализа на сите сили кои се вклучени во нашата транзиција на модерното нафтено доба.
Трката по нафта започнала во 1859 долж она што подоцна ќе биде наречено „Оил Крик“ во Пенсилванија, кога претприемач по име Едвид Дрејк станал првиот Американец кој успешно извадил нафта. Ова поттикнало наплив на „дупчачи“ во регионот, никнале мали рафинерии, а железничките компании заработувале куп пари на единствената рута до „црното злато“.
Најголема промена на тој пазар се случил со формирањето на компанијата Стандард Оил на Џон Рокфелер која бргу го монополизирала, барем на американско тло. Но по неговото глобално ширење на сцена стапиле европските колонијални сили, кои - многу побргу отколку денес - сфатиле дека не смеат да бидат зависни од увозот од Русија или Америка. Со не помалку насилство и безобзирност во споредба со Американците, тие почнале да ги експлоатираат постоечките и новостекнатите колонии. Британците се свртеле кон индискиот потконтитент, а потоа кон Персија. Така започнува една комплексна историја на испреплетеност на профитот и политиката.
Набргу во сето ова се вклучиле и воените интереси, бидејќи до почетокот на 20 век, со подобрувањето на работата на моторот со внатрешно согорување, и со сфаќањето на морнарицата на големите сили дека нивните бродови можат да се движат и подалеку и побргу ако возат на нафта а не на јаглен, количеството нафта станало главен безбедносен елемент. Во Британија самиот Черчил помогнал во преминот на Кралската морнарица од јаглен на нафта. За да се обезбеди постојаниот доток, во 1914 парламентот со мнозинство изгласал „социјалистичката“ одлука да се национализира Англо-персиската нафтена компанија (која подоцна ќе стане Бритиш Петрол).
Книгата повеќе се фокусира на британската страна на приказната, но таа секако не е иземена од онаа глобалната. Тоа дека нафтата се уште има огромно влијание врз светскиот поредок допрва ќе сфатиме оваа зима. А и голем број следни.