Откако се вратил во Лондон по настапот на Open Air Love & Peace Festival во Фемарн, Германија на 6 септември, Хендрикс налетал на неговиот стар пријател Ерик Бардон, поранешниот пејач на Енималс. Тој сега имал своја група, War, со која го поканил да настапи во еден џез клуб во Сохо. Хендрикс се појавил една вечер со неговата тогашна девојка Моника Данеман, но било очигледно дека не е во состојба да свири, па ја одложиле целата работа за следната.
Во неговата автобиографија „Не дозволувај да бидам погрешно сфатен" (Don't Let Me Be Misunderstood), Бардон се сеќава:
Хендрикс се качи на сцената во текот на вториот дел. Нешто „пукна" во воздухот. Го претставив на публиката - типичната лондонска џез толпа се обиде да покаже индиферентност, но потоа со аплауз го поздрави најголемиот гитарист на светот. Џим леташе додека свиреше. А потоа сè заврши.
Откако се симнал од сцената Хeндрикс налетал на новинар на Њу мјузикл експрес, му направил краток муабет за идните планови, а за неговата нова музика изјавил дека „можеби не е џез...а можеби е". Потоа заминал во станот на девојката, каде две ноќи подоцна, на 18 септември 1970, ќе почине во сон. Позната е изреката - „Хендрикс не е мртов, тоа само Господ побарал некој час по гитара“.
Еве ја снимката од тој последен настап: