„Пред две години наидов на голем број расфрлани, правливи фотографии. Си помислив: да беа мои или на моето семејство, ќе сакав некој да ми ги врати. Така, си зададов цел да го сторам тоа за други“.
Ова се зборовите на Дејвид Гутенмахер, чие презиме на германски значи „некој што прави добро“. Тој посетува аукции и копа по продавници за стари нешта и до сега има акумулирано повеќе од 50.000 стари фотографии. Ги организира во големи кутии и ги чува во својата куќа во Њујорк. Иако фотографиите преовладуваат, тука има и неразвиени аналогни филмови, албуми и честитки.
За да ги спои предметите со нивните сопственици или други членови на семејствата има отворено профили на социјалните мрежи, но и следи траги кои се веќе вградени во самите нив. Првиот предмет кој го постирал бил ВХС касета од семеен одмор чија содржина ја дигитализирал. Во видеото двајца родители и син на студентска возраст се на патување од 1990-тите, а синот носи маица со натпис „Веслиан свиминг“.
Следбениците на Дејвид на социјалните мрежи ги контактирале спортските катедри на универзитетите низ САД со прашање до пливачките тренери кои работеле во 1990-тите дали го познаваат студентот. По само неколку денови нeкој го идентификувал и тој бил исконтантиран на социјалните мрежи. Не му се верувало дека таква касета постои и бил пресреќен, а потоа ги рекреирал филмовите со сопствените синови.
Најкраткото време на пронаоѓање на сопственикот е две минути. Некој коментирал под фотографија која ја постирал Дејвид: „Мислам дека тоа е воспитувачката од градинка на син ми“. Најдолгиот пак период бил четири месеци, што е сепак прилично брзо. Дејвид вели дека има илјадници фотографии кои чекаат да бидат споени со нивните сопственици.
Луѓето емотивно реагираат кога ќе дојдат во допир со предметите. Некои се загубени по селење, други по смрт на член на семејството. Понекогаш луѓе донираат апарат во добротворни цели, но забораваат да ја извадат мемориската картица. Исто така има приказни за загубени или украдени торби.
Некои од правилата до кои се држи Дејвид е никогаш да не вади фотографии од отпад, да не споделува фотографии со сензитивна содржина и да ги отстранува постовите доколу семејствата не сакаат нивните спомени да се онлајн. Сепак, без социјалните медиуми проектот не би бил можен.