На преминот од 19 кон 20 век, еден човек се осудил да се запраша: „Дали алигаторите можат да пеат?“ Се викал г-дин Пернел (Pernelet), а на слика од 1902 (за која денес би тврделе дека е фотошопирана) е претставен во базен полн влекачи, во одело и со палка, како „диригира“ со нив додека тие некако заљубено гледаат во него. На командата „Ајде сега сите пејте!“, четиринаесетте чудовишта почнувале да испуштаат гласови, всушност повеќе крици, кои им ја замрзнувале крвта на присутните.
Диригентот изгледал сосема спокојно пред тие отворени челусти со заби остри како жилет. Откако добро ќе си ја завршеле работата, господарот ги погалувал со одобрување и изговарајќи го името на секое од животните, ги хранел со коњско месо од свои раце. Потоа ноншалантно излегувал од „базенот“, го соблекувал палтото и долгите гумени чизми, и се поклонувал пред публиката која до тој момент го запирала дишењето.
М. Пернeл бил истакнат француски природонаучник и истражувач. Цел Париз ѝ се восхитувал на неговата храброст, особено затоа што не бил професионален обучувач на животни. Неколку пати ја имал обиколено планетата со различни експедиции, бил активен спортист, ловец и трапер, а кога се вратил во својот дом во Арден отворил богата зоолошка градина. Од неговата збирка се збогатувале колекциите на музеите и менажериите, а училиштата добивале животински скелети и други предмети за проучување на историјата на природата.
Еднаш, додека барал горили и шимпанзи за својата зоолошка, заробил неколку мали крокодили, и од едноставна љубопитност сакал да провери дали може да ги припитоми.
Тоа било во 1882, кога собрал 14 крокодили и алигатори од мочуриштата на Флорида и Лујзијана, изворите на Амазон, дивините на Сенегал и блатата на Нил. Ова подразбирало многу потрошени пари и голем личен ризик. Проектот траел цели 11 години, пред тој да се осуди да настапи пред публика. Имало и моменти кога сакал да се откаже, бидејќи рептилите, поради својот мал мозок, имаат тенденција кон „природна глупавост“, иако тоа не влијае врз нивната суровост, што го прави базенот полн крокодили многу поопасен од кафез полн лавови.
Сепак, по некое време, алигатори по име Фатма, Негро, Детето и уште два други научиле како да јадат од неговите раце без да го касаат. Реагирале на своето име, и „пееле“ на неговиот знак. Се покажало дека со доволен тренинг (во случајов од вкупно 19 години) дури и малиот рептилски мозок може да биде поттикнат и издресиран.
Според тренерот ова можело да се постигне само со две нешта: тој морал да ги сака ѕверовите, но и детално да ја проучи нивната интелигенција и способност, кои се разликувале онака како што се разликуваат човечките табиети. Она што тој не го спомнал е дека целото негово тело било полно со лузни и рани од возвратената „љубов“. Па дури и тогаш Пернелет не ги казнувал, само малку ги опоменувал, како непослушни деца.