Иако содржи и изрази како „грозоморен настан" и „кутро животно", овој новинарски текст прави огромна, веројатно ненамерна грешка во толкувањето на она што се случило - малтретирањето животни не е само поинаков (чуден, перверзен, недозволен) начин на пополнување на слободното време. Тоа е акт на насилство, кое по ништо не се разликува од кој и да е друг негов облик. Замислете сличен текст во Црната хроника кој вели: „Вообичаено пензионерите по пладневната дремка гледаат фудбал. Но 67-годишниот тој и тој одбрал поинаков начин на забава. Го принудил на орален секс 9-годишниот син на неговиот сосед." Како ви звучи, a? Веројатноста оној што малтретира животни во детството подоцна истото да го прави и со човечки суштества е огромна. Се работи за едноставен принцип - изживување врз послабиот. Останатото се нијанси.
Веста беше објавена, протести на здружението за заштита на животни беа одржани, и толку. Чича мича. Но кога ќе почнете муабет на оваа тема таа изгледа далеку од безначајна - речиси секој има некаква страшна приказна за комшија кој ги труе маалските кучиња и деца што удираат мачиња од ѕид. Мојата приказна е следна: Ања беше црно-бела мачка која живееше со нас со години. Научи да се симнува по пожарните скали од осмиот спрат, да се прошета, и по истиот пат да се врати дома. Но еднаш не успеа - „децата" од населбата, главно повозрасни тинејџери, направиле круг околу неа и и' го пуштиле пит булот со кого и претходно ги плашеа мачките, другите кучиња и комшиите. Ја најдовме расчеречена. Сторителите ги дадовме на суд, но бидејќи тогаш немаше закон според кој тие можеа да одговараат, требаше да докажеме колку коштала нашата мачка, па тие да ни исплатат штета како да ни оштетиле телевизор, или како да ни скршиле шофершајбна. Откако едно време почнавме да пресметуваме колку паштети и сардини можела да изеде во текот на својот краток живот, таа и неколкуте генерации нејзини мачиња, се откажавме. Од тогаш законите се променија, но луѓето не. Остана една книга, „Дневникот на Ања", која е лектира за основно училиште.
Животните, кои на нашите претци им биле ортаци во орањето на нивите и чувањето на стоката, па дури и кога биле чувани за јадење, биле повеќе ценети од денешните таканаречени „миленици", кои се често играчка во рацете на нивните сопственици. Големиот синџир на постоењето е опасно распукан. Законот за заштита и благосостојба на животни од 2007. содржи поглавје посветено на „хуманиот" начин на колење и убивање, каде детално е опишан процесот на фиксирање, зашеметување и касапење, кое треба да биде изведено така за да ја запази благосостојбата (!!!) на'копитарите, преживарите и свињите'. Ве потсетува на 'безболниот' начин на труење со плин од концентрационите логори? Не претеруваме - под плаштот на лажната етика историски се случувале и полоши работи. Но принципот е ист. Останатото се, рековме, нијанси.
Во чест на Ања и сите расни, полурасни и контејнерски мачки, избор од поезија посветена ним. Преводите се главно мои, и во некои случаи од втора рака, па ако знаете и за други, веројатно подобри преводи на истите или други песни за мачки, кучиња, коњи, кози и лисици, испратете.
До тогаш - мјауу!
МАЧКА ВО ПРАЗЕН СТАН
Вислава Шимборска
Да умреш - не би ѝ го сторил тоа на една мачка.
Што да прави мачка во празен стан?
Да се јази по ѕидовите?
Да се трие од мебелот?
Изгледа како сè да е исто,
а нешто се променило.
Ништо не е поместено,
а сепак има повеќе место
и навечер сијалицата не е запалена.
Се слушаат чекори по скалите,
но тие не се исти,
ниту пак е иста раката
која ја става рибата во чинијата.
Тука нешто не почнува
во вообичаеното време.
Тука нешто не се случува
како што би требало.
Некој бил тука и постоел,
а потоа одеднаш исчезнал
и сега е тврдоглаво отсутен.
Сите шифоњери се испитани
и сите полици прегледани.
Провлекувањето под тепихот заради проверка
не доведе до резултати.
Дури и правилото беше прекршено
и хартиите беа расфрлани.
Што да се прави понатаму?
Да се спие и да се чека.
Само нека си дојде,
нека се појави.
Тогаш ќе сфати
дека тоа не ѝ се прави на една мачка.
Ќе му пристапи,
глумејќи рамнодушност,
бавно,
на многу меки шепи.
Без скокање,
отпрвин само со предење.
МАЧОРОТ ШТО ЧЕКОРЕШЕ САМ
Ридјард Киплинг
Ќе убива глувци
и ќе биде нежен кон мачињата кога е дома,
само ако не му го влечат опашот премногу силно.
Но кога ќе заврши со ова,
а и во меѓувреме,
кога ќе изгрее месечината и ќе падне ноќта,
тој е мачорот што чекори сам.
И сите места се како него -
тој оди во влажните диви шуми
или се јази по влажните диви дрвја
или се качува на влажните диви покриви,
мафтајќи со неговата дива опашка
чекорејќи диво, и сам.
МОИТЕ МАЧКИ
Чарлс Буковски
знам. знам.
тие се ограничени,
имаат различни потреби и секирации.
но јас ги гледам и учам од нив.
го сакам она малку што го знаат,
што е всушност толку многу.
тие се жалат но никогаш не се грижат,
чекорат со изненадувачко достоинство.
спијат со директна едноставност
која луѓето едноставно не ја разбираат.
нивните очи се поубави од нашите
и тие можат да спијат и по 20 часа на ден
без колебање или каење.
кога сум тажен
се' што треба да направам
е да ги си ги гледам мачките
и храброста ми се враќа.
ги проучувам овие суштества.
тие се моите учители.
МАЧКИ
Шарл Бодлер
Љубовниците страсни и учените строги
ги засакуваат, со години и со тромост,
мачките благи, моќни, што гордост се на домот,
куќници како нив, што зиморливи се многу.
На ученоста се пријателки и на страста
и ја бараат ноќната тишина и ужас;
Ереб би ги зел како гласници да му служат,
кога гордост нивна би се мирела со власта.
Мечтаејќи заземаат благородни пози,
небаре големи сфинги што спростреле нозе
и заспиваат со сон во кој се губат дните.
Само плодни бокови им се искрат сјајни,
и со златни зрна, небаре со песок ситен,
им светкаат зениците матно, полни тајни.
(препев: Влада Урошевиќ)
МАЧОР И ПТИЦА
Жак Превер
Селото ја слуша натажено
песната на птицата на умирање.
Птицата е единствена во селото
и мачорот е единствен во селото,
а тој напола ја има изедено.
Кога птицата престанува да пее
и мачорот престанува да преде
и муцката почнува да ја замива.
Селото ѝ организира на птицата
невиден погреб дотогаш.
И мачорот беше повикан
чекори зад ковчегот
во кој лежи птицата
носена од едно девојче
кое постојано плаче.
„Да знаев за оваа тага",
вели мачорот сиот разнежнет,
„би ја изел веднаш целата,
а потоа би ти раскажал
дека ја имам видено како одлетала
некаде далеку, на крај на светот
од каде веќе не се враќа.
Тогаш ти би била помалку натажена.
Не прави ништо до пола.
ЉУБОПИТНОСТ
Алистер Рид
Можеби никогаш не ја убила мачката,
поверојатно е дека мачката само немала среќа
или само била љубопитна да види како изгледа смртта,
немајќи причина да продолжи да ги лиже шепите
или татковски да се грижи за мачињата.
Сепак, да се биде љубопитен е доволно опасно:
да се сомневаш во кажаното,
да поставуваш чудни прашања,
да се мешаш во соништа,
да го напушташ домот,
да мирисаш глувци, да имаш претчуства.
Не ги земај при срце мачките во оние кучешки кругови
каде мирисните кошници,
соодветните сопруги и добрите ручеци се ред на нештата,
и каде преовладува често неодобрувачко вртење
на нељубопитни глави и опаши.
Соочи се.
Љубопитноста нема да нè усмрти -
само нејзиниот недостаток.
Никогаш да не сакаш да ја видиш
другата страна на ридот,
или таа неверојатна земја
каде живеењето е идила
(а сосема веројатно пекол)
би нè убило сите нас.
Само љубопитните, ако преживеат
имаат приказна која вреди да се раскаже.
Кучињата велат дека мачките премногу љубат,
променливи се, се женат со премногу жени,
ги напуштаат нивните деца, ги метат поставените маси
со опашите на нивните девет живота.
Па, тие имаат среќа.
Оставете ги да бидат
деветживотни и контрадикторни,
доволно љубопитни да се менуваат,
подготвени да ја платат мачешката цена:
да умрат, и повторно и повторно да умрат,
секој пат со не помала болка.
Мачешкото малцинство составено од еден
е сè на што може да се смета,
ако зборуваме право.
И она што мачките ќе мора да го кажат
по секое враќање од пеколот e:
дека умирањето е она што го прават оние што се живи,
дека умирањето е она што го прават оние што љубат,
а дека мртвите кучиња се оние
кои не знаат дека да се умре е она,
што за да се живее
секој треба да го стори.
ОДА НА МАЧКИТЕ
Пабло Неруда
Нешто беше погрешно со животнтие:
нивните опашки беа предолги
и имаа грди глави.
Потоа почнаа да се групираат
малку по малку,
здружувајќи се за да направат пејсаж.
Но мачката, само таа,
излезе совршена
и горда:
родена во состојба на целосна заокруженост,
се држи до себеси
и точно знае што сака.
МАЧКА
Александар Прокопиев
Мачка на кровот
и два жолти мачора
– љубовен проблем!
МАЧЕ И МУВА
Едно мало маче
со црно мустаче,
гледа мува брчи
и по неа фрчи.
И по неа скока
со шепи ја фаќа,
мувата му бега
му се смее сега.
(детска)