Генералниот интерес за хипстерите, или барем заебанциите на таа тема, се доволно присутни на нашиов (интернет) простор, па затоа ми се чини дека е згодно да видиме што (макар и делумно) има за нив да кажат општествените науки.
Во текст што личи на колаж на теориски разгледувања и историски референци, авторот Џејк Кинзи, кој според информациите на интернет е студент по историја на МекГил универзитетот во Монтреал, се обидува да објасни што е тоа хипстер и што нѐ чека после неговото доба. За да го направи ова, авторот нѐ враќа назад до антички Рим и владеењето на императорот Нерон. И додека будалаштините на Нерон не се непознати на секој што внимавал на часовите по историја, клучната поента се однесува на „сламингот" на Нерон. Slumming – според англискиот речник „да се поминува време во пониско општествено ниво одошто она на кое се припаѓа" бил честа занимација на Нерон. Кинзи смета дека „сламингот" е клучната хипстерска естетика. За да го дообјасни ова тој скока 19 века напред во Париската сцена од доцниот деветнаесети век црпејќи примери од делото на Ги де Мопасан.
Настрана од овој индивидуален пример, Кинзи ја придвижува приказната кон индустриската револуција и раѓањето на капитализмот, нациите, градовите и боемите како прва поголема група предци на хипстерите. Од боемите и дадаистите и авангардата од Европа, преку битниците и хипиците од Америка, па панкерите и хип-хоперите, авторот ја дискутира секоја контра-култура од нејзиното раѓање до нејзиното преминување во мејнстрим или пропаѓање. Во центарот на овие случувања е капитализмот и неговата способност да се адаптира и да се шири. Комодификацијата на културата и уметноста е најдобар пример за овие негови способности. Во една реченица „капитализмот го конзумира бунтот и плука конформизам заедно со профит, како тоа да е најпростата работа на светот". Хипстерите почнуваат да доминираат во 1980-тите, и според Кинзи, повеќе настани од скорешната историја имаат клучно влијание врз ова, почнувајќи од појавата на првиот Mac компјутер, преку растот на неолибералната идеологија и анти-глобалистичките 1990-ти, па и појавата на Web 2.0.
На моменти, скокањето низ цитатите ја прави приказната тешка за следење, но (ми) се чини дека клучните поенти за објаснување на хипстерите се вртат околу автентичноста и искуствата. Прво тука е аргументот дека за хипстерот не е важно што тој конзумира, туку дека неговото искуство од конзумирањето е поавтентично од искуството на другите. И второ, хипстерот „знае" дека капитализмот лесно ја става автентичноста под својата капа (видно од претходните знаменосци на автентичните контра-културни движења), што значи автентичноста е всушност фикција. Во овој момент Кинзи се врти кон Жижек и неговата дефиниција за циничната идеологија на денешницата (дека идеологијата функционира дури и ако не веруваш во неа) – тврдејќи дека сето тоа се однесува на хипстерите. Причината зошто оваа фикција мора да се одржува е сместена во денашната (постмодерна) верзија на капиталистичкиот систем кој не нуди креативни и исполнувачки работи на луѓето. Затоа, за човек да човек да се чувстува исполнет и креативен, мора да креира илузија на автентичност. Затоа и хипстерите не сакаат да бидат нарекувани хипстери – со самото нарекување фантазијата за автентичноста се губи.
Целата дискусија е исполнета со референци и коментари, понекогаш само залепени еден до друг, без посебен логичен след. Се обработуваат хипстерските особини како дистанца, иронија, носталгија... Треба да забележиме дека авторот и покрај својата желба да го критикува хипстерот, признава дека неговиот стил на пишување е (до некаде?) „хипстерски", а тоа е така „бидејќи критиката и разбирањето на определен светоглед мора да се промисли со, наспроти и низ доминантите форми на неговата мисла".
Со ризик и овој краток осврт да стане хипстерски (и без да ми е јасно колку од тоа објаснивме до сега), цитирам пар реченици од книгата:
„На хипстерот може да се гледа како на диетална-Кока-кола субкултура, во чекор со нашиот постмодерен свет. Пазарот е полн со производи испразнети од нивната суштина – како што безкофеинското кафе мириса и има вкус на вистинско кафе без да биде вистинско. Хипстерите се контра-култура испразнета од нивната суштина. Нивниот револт нема суштинска основа освен во самиот површен револт."
Кинзи завршува со оценување на хипстерајот како патетичен обид да се донесе цинична утопија во светот на доцниот капитализам. Ова е потоа дополнето со свртување кон Хегел за тоа дека историјата пред секој голем пресврт се повторува два пати (и несомено кон Маркс – преку Жижек - за тоа дека првото е како трагедија, а потоа како фарса). Во случајов фарсата е хипстерската контра-култура и нејзината кич естетика. Ова, поентира авторот, е начинот конечно да се дојде до нешто ново, пресврт кој ќе го промени светот, и, советува тој, оние кои сакаат тоа да го сторат треба да ја напуштат автентичноста како начин за создавање отпор.
Мојот краен впечаток е дека аргументите во врска со економските прилики и последици, низ призмата на нешто што може да се оцени како широк лев(ичарски) дискурс, се најкорисниот дел од оваа книгичка. Треба да видиме дали навистина е можна нова контра-култура која ќе им одолее на капиталистички моќи на комодификација. Во меѓувреме, делото на Кинзи е забавно (ако не и поучно) четиво за секој хипстер и анти-хипстер, ако читањето на постмодерниот стил не е премногу напорен потфат.
Новица Наков