„Некој кивна близу мене и умот веднаш ми отиде на грип и сипаници и вектори на зараза. Како сте можеле да стоите блиску до луѓе цело време? Тие се толку...топли.“
Мајка ѝ ги крена рамениците како на цртан филм. „Не мислевме на тоа. Одевме во кино каде што стотици луѓе седеа во истата соба и на стадиони со илјадници. Се возевме во авиони и автобуси и возови, во отворени вагони, каде туѓинци седеа еден до друг. Ми недостасува.“
„Што ти недостасува?“.
„Не знам. Сето тоа. Сè!“
Романот „Песна на новиот ден“ е излезен во септември 2019, неколку месеци пред првиот случај на корона-вирус да биде официјално потврден во Вухан. Напишан е врз основа на пократка новела под наслов „Богородица на отворениот пат“ од 2015 на истата авторка. Во него се следат преплетените животи на два женски лика во ерата на „После“ (After) - времето кое настапува по „Пред“ (Before) - а чиј мeѓник претставува појавата и ширењето на посебен вид смртоносни сипаници со симптоми на грип. Во 2020 година книгата го доби високото признание за научна-фантастика, Небула, и со тоа се најде во престижното друштво на Исак Асимов, Вилијам Гибсон и Урсула Ле Гвин. Само што во текот на истата таа 2020 веќе не беше јасно дали романот навистина спаѓа во овој жанр или треба да се префрли на други полици.
„Ова е фикција. Имињата, ликовите, местата и настаните се или производ на авторовата фантазија или се искористени во фиктивен контекст, а секоја сличност со вистински лица, живи или мртви, со компании или локали е целосно случајна“.
Вака пишува на првата страница од книгата, во која сепак можат да се пронајдат паралели со биографијата на авторката. Еден од главните ликови, исто како и таа, е музичарка, па деталите околу компонирањето, настапите во живо и предизвиците на тоа да се оди на турнеи со „инди“ бенд се опишани прилично реално.
Ова „реално“ тука е сепак двосмислено - може да се употреби во контекст на тоа како изгледала забавата и музиката во „Пред“, и како изгледа во „После“. Тоа „ново нормално“ во книгата е oпишано детално, а во нашата реалност во голема мерка е веќе присутно и препознатливо. Технологијата во романот е развиена до степен што овозможува одржување виртуелни концерти, на кои музичарите настапуваат како холограми, а публиката е присутна (преку своите аватари) со помош на „Худи“ - опрема за VR која ја има речиси секој жител на планетата, од едноставна причина што му е потребна за водење „нормален“ живот, од шопинг до комуникација со блиските. Секако, сето ова е поврзано со крајна корпоративност и радикализација на надзорот и безбедносните мерки, војската и полицијата.
Двата главни лика се барем на почетокот двата социјални пола, кои очекувано се раздвојуваат и конфронтираат - оној на промоторите на „новото“, напредното и наводно безбедното, и оној кој се обидува да ги негува придобивките на аналогното, кои стануваат забранети. Една од нив е свирењето и слушањето музика во живо (ограничувањето на собирите е на групи од 30!), па оттаму се создава цела андреграунд култура на луѓе кои ова се уште го прават, или како музичари или како публика, но со криење по мрачните ќошиња на интернет (или тотално недигитализирани) и настапувајќи во напуштени или буквално подземни објекти.
Роузмери е девојка од американската провинција, растена на фарма со крави, која нема пристап до високата технологија. Но по игра на случајноста, токму таа станува агент за регрутирање нови музички имиња за StageHoloLive - најпопуларната и најмоќна платформа за ваков вид настани, нешто како Спотифај на стероиди. Лус е надарена музичарка која не сака да се откаже од своите идеали, вербата во креативноста и живиот контакт со публиката. Судбините им се преплетуваат на необичен начин, а еволуцијата на нивниот однос станува симболичен за можното помирување помеѓу обете страни.
Можеби преоптимистичка во својата завршница, книгата сепак има силна поента - дека она што ќе се случува во иднината зависи од она како се однесуваме кон неа СЕГА. Нуспојавата на тоа паниката од пандемијата да ги растури постоечките човечки заедници во ретроспектива може да се покаже исто толку смртоносна за човечкиот род колку и самата болест. Како ќе звучи песната на новиот ден? Ќе има ли во неа човечки гласови, или само статички електрицитет од илјадниците кабли и процесори?
Илина, Букбокс