„Дено сениши Поригон“ денес вообичаено се преведува како „Електричниот воин Поригон“ и е 38-ма епизода на aниме серијалот Покемон, прв пат емитувана на јапонската телевизија на 16 декември 1997. Таа вечер амбулантите и болниците се преполниле од речиси 700 деца кои гледајќи ја добиле симптоми на вознемиреност, грчеви, слепило и епилептични напади. Медиумите го нарекле настанот „Покемон шок“, а истиот поттикнал детална истрага од страна на јапонските власти за она што довело до ваквата ситуација.
Дваесет минути по почетокот на епизодата Пикачу, ликот во анимето, запира ракети со својот громовски напад, што резултира со експлозија со динамично менување на црвено и сино светло. И покрај тоа што вакви сцени има и во други делови од епизодата, две аниме техники, наречени „пака пака“ и „флеш“ ја прават токму оваа особено интензивна. Тоа се трепкања со зачестеност од околу 12 херци во шест секунди, што кај некои гледачи (во случајов поради целната група главно деца) може да доведе до замаглен поглед, главоболки, лошење, па дури и грчеви и слепило.
Јапонската служба за итни случаи подоцна известила дека 310 момчиња и 375 девојчиња биле примени во болница. Повеќето биле веднаш пуштени дома, но 150 биле задржани, од кои две деца повеќе од две недели. Но бројот на оние кои останале дома со благи симптоми и не побарале помош се проценува на дури - 12.000!
Студија која следела 103 пациенти во период од над три години регистрирала дека кај 22% од нив имало напади и толку долго време по настанот. Ова се покажало како изненадувачко бидејќи вообичаено само 1 на 4000 луѓе се во таа мерка фотосензитивни - бројот на лица повлијаени од Покомен епизодата во таа смисла бил без преседан.
За да се превенираат слични случаи, епизодата е веднаш повлечена и никогаш повеќе не е прикажана во Јапонија. ТВ Токио, радиодифузерот што ја прикажал, се извинил на јапонската јавност, а полицијата ги испитувала креаторите на анимето за продукцискиот процес. На токиската берза акциите на Нинтендо (компанијата зад игрите базирани на цртаниот) веднаш паднале и покрај тоа што нивната верзија била целосно црно-бела. И целиот серијал Покемон морал да паузира речиси четири месеца. Ликот на Поригон - покемон кој ја претставува напредната технологија и постои само во киберпросторот - и покрај тоа што нема врска со трепкачките светла, поради несреќниот факт што се нашол во насловот на епизодата, потоа ретко се среќава во анимето. До денес инцидентот е вклучен во гејмерската верзија на Гинисовата книга на рекорди, како „најфотосензитивно телевизиско шоу“.