Можеби и не е чудно што ретко се зборува за жените-гладијатори, бидејќи за нив нема многу историски податоци и изгледа дека биле прилично ретки. Користеле генерално иста опрема како и мажите, но нивните меѓусебни дуели или борби со диви животни ни од далеку не предизвикувале толку голем интерес. Како што открива историчарката Ема Сутон во одлична епизода на Бетвикст (подкаст кој се занимава со историски теми на откачен но информативен начин) нивните настапи често биле пародични, со тоа што требало да се тепаат на пример со џуџиња или со домашни животни.
Појавата на жени во улога која требало да ја играат само одважни и храбри мажи (па макар и робови) се сметало за навреда на добриот вкус, доколку станувало збор за Римјанки. Сепак, таквите биле ретки, па најчесто гладијаторките робинки од римските колонии. Во 66-тата година, Нерон ангажирал етиопски жени, мажи и деца за да го импресионира гостинот, кралот Тиридат Први од Ерменија. И во текот на владеењето на следните кралеви вакви дуели помеѓу жени биле организирани под името „амазонски“. Ова било и лично име, веројатно псевдоним, на некои од гладијаторките.
Така, комеморативен мермерен рељеф од Халикарнас (старогрчки град во Анадолија - види слика горе) прикажува две речиси идентични вооружени фигури свртени една кон друга, едната идентификувана како Амазонија а другата како Ахилија (машка верзија на Ахил). Обете се гологлави, опремени со штит, нож и штитник за раце.
За разлика од мажите, гладијаторките не посетувале официјални училишта за овие вештини. Сепак, жените, девојките или следбеничките („фановите“) на гладијаторите биле присутни и на тренинзите и на сите настани. Можно е некои од нив да биле обучувани од приватни тутори во тн. „младински организации“. Сепак, без разлика на историскиот период на гладијаторството (машко или женско) се гледало како на нешто што не доликува на повисоките класи. Истото морало да биде забранувано со посебни правила и закани со санкции (губење на социјалниот статус и одредени законски права), бидејќи особено помладите мажи во ова гледале предизвик и начин да се прославата.
Тоа дека особено жените-гладијатори биле сметани за морално „валкани“ покажува и тоа дека биле закопувани на одделни гробишта. Еден таков гроб е откриен во Лондон во 2001. Во него, жената, односно кремираните остатоци од неа, биле закопани заедно со лампа со слика на паднат гладијатор и изгорени остатоци од борови шишарки, чиј ароматичен чад бил користен за прочистување на ареаната. Нејзиниот статус на гладијатрикс е тема на дискусии помеѓу историчарите и археолозите - можеби била само јак обожавател на гладијаторските игри или партнерка на гладијатор. Во првиот дел на филмот на Ридли Скот имаше гладијаторки со метални прслуци качени на кочии. Можеби ќе ги има уште позабележително и во продолжението?