Дали и вие буквата „р“ ја замислувате како цик-цак, а „л“ како рамна линија?

Говорители на 28 различни јазици ги поврзувале токму на овој начин звуците и облиците на овие букви во 88% од случаите, што е најсилниот аргумент за тн. звучен симболизам до сега. 

Без оглед дали некој зборува англиски, француски, јапонски, па дури и зулу, изгледа дека сите разбираат „таен“ универзален јазик.

Нова студија покажува дека луѓето поврзуваат одредени звуци што ги слушаат, со облици што ги гледаат - без оглед од каде се и кој јазик го зборуваат. Конкретно, таканаречното „ролано“ или нагласено Р на повеќето луѓе им асоцира на цик-цак линија. 

Ова е практично продолжение на одамна започнатата дискусија, позната како феноменот на „кики“ и „буба“. Како што пишувавме претходно тука, во 1929 од испитаници во едно истражување било побарано да именуваат и да доделат карактеристики на две форми - една шпицеста и „прекршена“, како ѕвезда со нееднакви краци, а друга поокругла и меуреста. Говорители на различни јазици од понудените опции се одлучувале за „такете“ или „кики“ за шпицестата ѕвезда и „балуба“ или „буба“ за топчестата форма. Истата студија е повторена во 2001, со слични резултати. 

Новото истражување се однесува на тн. „Р/Л ефект“ кој прв пат е тестиран од тим раководен од Маркус Перлман, професор по лингвистика на Универзитетот во Бирмингем. Тие работеле со над 1000 учесници кои колективно зборувале 28 различни јазици (го нема македонскиот, од словенските јазици е вклучен рускиот). Ним им биле презентирани слики на две линии, една цик-цак и една права и биле замолени да замислат како ги движат прстите долж секоја од нив. Потоа им била пуштана снимка како некој го кажува Р-то, а потоа Л-то и требало да ја одберат линијата која ги претставува овие две букви. Дури 912 од 1.030 учесници ги поврзале р-то со цик-цак и л-то со правата линија. Највисок процент согласување помеѓу говорниците имало кај оние кои зборувале фински и естонски (100%), а најмалку (70%) за албанскиот и мандаринскиот кинески. 

И покрај малото научно внимание што го добива овој феномен, тој е веќе искористен во рекламната индустрија. Американскиот производител на чипс Рафлс во 1980-тите го користел слоганот „Рафлс има бранови“ (Ruffles have ridges) изговорено со нагласок на Ррррр. Спектрограмите на оваа реклама покажуваат вертикални „бранови“ кои се слични на физичкиот облик на овој тип чипс.

25 ноември 2024 - 17:03