Џонатан Џексон има способност за синестезија, невролошки феномен кој долго време е дефиниран како истовремена активност на две или повеќе вообичаено неповрзани сетила. Некои „синестези" гледаат музика (аудио-визуелна синтестезија), или читаат букви и бројки во специфични бои. Но неодамнешно истражување покажува дека преклопувањето на сетилните процеси може да биде и покомплицирано.
Така, Џонатан ги гледа идеите како форми. Секоја реченица којашто ќе ја прочита, секоја одлука што ќе ја донесе, е претставена како некаква визуелна „конфигурација", на пример како меѓусебно поврзани соѕвездија. Ова е (буквално) највидливо кога тој треба да донесе некаква одлука - за него дури и интуитивниот избор помеѓу повеќе опции е визуелизиран, како кога ние ги бираме најубавите јаболки од тезгата.
За неговата способност да не остане несподелена, тој во 2014 направил апликација за да им помогне и на другите да донесуваат одлуки. Наречена ChoiceMap, таа им овозможува на корисниците да ги проценат факторите за одредена одлука, користејќи алгоритам кој пресметува „бодови на совршенство" за секоја опција. Иако изгледа како ригиден математички модел, тоа е во голема мерка рефлексија на она што во главата на Џонатан се случува на многу поинтуитивно ниво.
Оваа способност Џексон ја имал уште како дете, кога за да реши некаква задача се качувал на работната маса, за да ја види „од друг агол". Но бидејќи ниту едно другарче не се однесувало така, тој научил да не покажува дека неговиот мозок работи поинаку. Студирал когнитивна наука за религијата, овој пат фокусирајќи се на тоа како мислат другите луѓе. Ова било пред неговата дијагноза, кога тој самиот барал одговор на својата состојба:
„Најдобрата метафора што можам да ја смислам - кога како дете гледаш во батериска светилка, после одеднаш ја исклучуваш, ама светлината уште како да ти блеска пред очи. Епа така ми е мене, само со високо геометризирани форми".
Истражувањето на врската на визуелизирањето и идеите почнува во 1929, кога испитаниците во едно истражување требало да именуваат и да доделат карактеристики на две форми - една шпицеста и „искршена" како ѕвезда со нееднакви краци, а другата поокругла и меуреста како мутирано цвеќе. Говорители на различни јазици во ова истражување, и во подоцнежно на истата тема од 2001, од понудените опции се одлучувале за „такете" и „кики" за шпицестата ѕвезда и „балуба" или „буба" за топчестата форма. И не само тоа, тие биле согласни и околу тоа кои форми се „нервозни", кои „лежерни", кои „од високата класа" а кои од „ниската класа".
Но денешните истражувачи, меѓу кои Данко Николиќ од Институтот Макс Планк во Германија, велат дека имаат проблем да ги тестираат покомплицираните форми на синестезија. Некои од испитаниците тврдат дека го гледаат времето како спирала, линија или некоја покомплицирана геометриска форма. За да се тестираат ваквите случаи е потребно на некој начин да се размислува како нив, а тоа пак е можно само ако тие се способни детално да го опишат начинот на којшто го доживуваат светот околу нив. Џексон на пример често упатува на делата на венецуелскиот уметник Рафаел Араужо (на сликите), особено неговите спиралести цртежи. До сега на Џексон не му се случило некој да не му верува што се случува во неговата глава, но од друга страна и тој ретко им се отвара на непознати луѓе. Кога тие би знаеле повеќе за синестезијата и начините на коишто таа функционира, и неговиот досегашен живот немало да биде обележан со депресии, а и повеќе луѓе кои можеби ја имаат оваа способност би се отварале на оваа тема.