Букбокс читанка: „Дневникот на еден морепловец“ од Теодор Кузман

Пред точно еден месец битолчанецот Златко Симовски издаде книга за своите искуства како работник на крузер. Откако беше одбиен да ја промовира во локалната книжарница, тоа го стори во продавница за алкохол и го постигна посакуваниот ефект - го привлече нашето внимание. Ја прочитавме книгата, оттиснувајќи се заедно со него на далечно патување, но поштедени од морска болест и дрски шефови-земјаци. 

Најдобриот есеј на сите времиња за искуство на брод (тука не го сметаме „Моби Дик“, бидејќи нели е роман) за нас е „Наводно забавното нешто кое нема никогаш да го повторам“ од Дејвид Фостер Валас. Оригинално излезен во Харперс Базар, тој опишува седумдневен престој на крузер по Карибите, на кој сиротиот анксиозен и социјално неприлагоден Валас е испратен од редакцијата на списанието на репортерска задача. Името на бродот е „Зенит“, што тој со својата позната иронија го менува со „Надир“ - точно обратното од високата точка која метафорично ја користиме за опис на нешто што кулминира во чувство и квалитет. Неговото искуство е во најмала рака физички неудобно, ментално исцрпувачко, но на крај и брилијантно инспиративно.

„Видов шеќерести плажи и сјано сини води. Осетив како мириса масло за сончање намачкано на 9525 килограми живо месо. Гледав како 500 имашливи Американци танцуваат на Електрична лизгалка. Видов зајдисонца кои изгледаа како фотошопирани и тропска месечина која изгледаше повеќе како ужасно голем висечки лимон отколку како старата каменеста американска месечина на којaшто сум навикнат“, вели тој сумирајќи ги сетилните впечатоци кои се надополнуваат . Есејот е познат и по некои од најдолгите фусноти во историјата на овој жанр, при што една е долга страница и пол. По своите коментари за микро-општеството на бродот, кои се всушност коментар на индустријата на туризмот и воопшто на капитализмот, Дејвид сепак завршува со: „Откако се сликав со капетанот г. Панајотакис, враќањето во реалниот свет на возрасните на копно не беше ни прилижно толку лошо како што мислев дека ќе биде по неделата на Апсолутно Ништо на брод“. 

Ако мислите дека ваквиот долг вовед му чини неправда на авторот на „Дневникот на еден морепловец“, се лажете. Споредбата ни е потребна, затоа што неговата книга е точно СПРОТИВНA на сè во антологискиот есеј на Валас. Прво, Теодор то ест Златко Симовски како што е неговото вистинско име, не е новинар со задача да набљудува, туку е длабоко вграден во приказната со тоа што ги реди лежалките на палубата, ги гланца ВЦ-ињата, ништи бубачки во заштитно одело, мора да ги следи правилата на службата, но да знае и кога да ги прекрши и да ѕирне во „подземјето“ (подводјето?) на оваа заедница, која како и секоја составена од луѓе си има свој паралелен систем. Во него учествуваат ни помалку ни повеќе туку претставници на 70 нации, секој со своите мотиви и амбиции, кои главно се сведуваат на оние универзално човечките - желба за заработка, подобар живот, искуство, авантура. Второ, и покрај сите предизвици, oвој автор, спротивно на неговиот „колега“ од споменатиот есеј, смета дека ваквото искуство Е забавно и секако мисли да го повтори (што во меѓувреме можеби веќе и се случило). Трето, иако на моменти манифестира незадоволство, тоа не е од клетиот капитализам, туку од поединци кои и покрај добро поставениот систем поради лични фрустрации малтретираат или манипулираат. Без анархистички амбиции нешто да менува (а и како би можел?), тој само пружа активен отпор онаму кадешто тоа е оправдано, црпејќи самодоверба од својата добро завршена работа. И да, најголемиот дел од книгата се однесува на крстарење по - Карибите.

Дневникот, за кој некако веруваме дека вистинито ги презентира нештата без да ги преувеличува, е полн со анегдоти, за заглавени товарни лифтови, приучени фризери, средби со интересни (и помалку интересни) патници, начини како да се заработи долар повеќе. И секс, многу секс. Она што притоа ни остана нејасно е зошто во еден ваков самиздат, во кој оваа меѓучовечка активност е прикажана како многу нормална за еден брод и едни луѓе далеку од дома, требало на „безобразните“ зборови да бидат ставени ѕвездички, односно да се цензурирани, а многу погадната „течна столица“ да не е? Со ѕвездичка се и зборот „убие“ и „убиец“ (?), а има и некои што не успеавме да ги дешифрираме како „не к****ш редовно навечер“. Навистина, книгата се продава и во електронска форма, па можеби стравот бил од туѓа цензура онлајн. Ама откако ни раскажа за Камасутра позите и камшиците и првата тројка во животот во кабина од седум квадрати, тешко дека ѕвездичките можеа да помогнат во не-визуелизирањето на истите. 

Уште една условно речено маана е што дневничкиот формат не дозволува подлабоко да ги запознаеме барем некои од главните ликови. Тие и немаат имиња, туку се означени по нивните функции (шеф на тоа и тоа, капетан, собар итн.) или по нивната националност (Филипинецот, Австралијците). Можеби нивното именување ќе ни ги приближеше за да ги видиме како на филм, кој и онака си го направивме во главата. Некои од сцените се навистина впечатливи, и не, не се оние со камшиците, туку имаат врска со еден залутан галеб на палубата или со чашките вишновка подадени од прозорците на локалците при посетата на копното. Сето тоа дава хумана жичка на искуството, кое делува како навистина исцрпувачко за вработените, а за нас е и необично како страст и желба да се мине одморот на овој начин од страна на патниците. Но можеби ни недостасува едно вакво доживување, за како и Златко во еден миг, среде сето тоа човечко месо од кое се крева реа на масло за сончање, да искоментираме:

„Водечкиот космолог Карл Саган еднаш рекол: Живееме на прашинка висната на сончев зрак. И мислам дека некој што знае колку сме мали не може да гледа на друг човек на Земјата како на ништо друго, освен како на брат или сестра“. 

На Златко му посакуваме мирни пловидби и закотвувања, и да ја одржи вербата во враќањата. Дури и кога оној кој најмногу го малтретира на работното место му е - земјак. 

Илина, Букбокс

23 ноември 2024 - 11:24