Има една предност кај авторите кои подолго време се занимавале со поезија, а потоа во еден момент решаваат да напишат роман. Изразот им е постегнат, вишоците се речиси незабележливи, она што е означено како „роман“ повеќе личи на подолг расказ и, иако нема дијалози, дури и на театарска пиеса или на краток филм, во кои авторот на текстот е истовремено монтажер, сценограф и костимограф. Токму таков е случајот со „Некој бил тука“, прв роман на Нина Андова Шопова.
Неименуваниот протагонист во книгата има отприлика 40, и живот кој повеќе му одзел отколку што му дал. Најсвежата рана е прераната смрт на неговата ќерка, од која тој и неговата сопруга не можат да се опорават. Својата утеха тој ја бара во вонбрачна врска, но не за да ја одржува во живот својата машкост и сексуалност, туку како единствен начин барем за момент да заборави кој е, и да биде сам.
Тоа и му успева кога колешка на неговата љубовница оди на пат и им го остава нејзиниот стан. Тогаш почнува една нова врска - помеѓу него и тоа место, во кое се чувствува фетусно пријатно и заштитено, каде може на раат да се сеќава на минатото и да не мисли на иднината, каде никој не бара ништо од него, затоа што тој и не е таму. „Таму“ или „тука“ стан-ува процепот помеѓу две реалности, каде неговото постоење е етерично и ослободено од световната болка. Иако ликот е маж, потсвесното на текстот си го прави своето - при средина на книгата ТОЈ вели: „Бев СИГУРНА дека Сопственичката ѝ кажала..“. Така, преку коректорска грешка се разоткрива вистинската врска помеѓу ликот и неговата авторка.
Но што кога станот ќе мора да се напушти? Каде да се појде кога нема каде? Крајот на книгата се најавува уште при нејзиниот почеток. Но во сета своја морничавост тој сепак остава некаква надеж - дека дури и кога ќе го напуштиме „станот“, кој е нашиот живот, ќе има некој кој ќе знае. Дека некој сепак бил тука.
Илина, Букбокс
Претходно: Расказ за еден туѓ стан (и туѓа кожа)
Букбокс читанка за „Чудото на здивот“ од Сотакис - уште еден роман во кој лик е стан