Кога го сумирам изминатото ВРЕМЕ сè поважни стануваат не некои катарзични сознанија и големи откритија, колку ситни детали кои ја прават разликата помеѓу еден и друг ден. Пркнатото ливче од домашниот спатифилиум кој до скоро изгледаше како да ќе нè напушти. Менливиот агол под којшто светлината се одбива од комшиските прозорци пред зајдисонце. Новокупената плоча - дует на Чет Бејкер и Бил Еванс и тазе рецептот за мајонез од сирови индиски ореви. Ритамот на будност и сон на Мару, чие легло на терасата е видливо од позицијата од којашто пишувам - предвидлив, но со доза неизвесност, бидејќи животот на една мачка не е без ризици. Патувања, макар и до Велес. Дружби, барем на саат-два.
Но без ваквите мали промени, доколку времето стои, како би знаеле дека сме живи? И уште поважно, ако сè околу нас е сосема исто без оглед на нашето постоење, тогаш ЗОШТО сме воопшто живи?
Со проблемот на повторливоста и (не)можноста за излегување од магичниот круг на еден ист ден до сега се имаат занимавано повеќе книжевни и филмски дела, доволно за ваквата тема денес да се смета за поджанр на спекулативни и/или научно-фантастични филмови. Во „Работ на утрешнината“ војник преживува една иста битка со вонземјани. „Сорс код“ е 8-минутен луп на експлозија на воз, „Палм Спрингс“ (Букбокс осврт тука) е ром-ком со филозофски тон, за пар кој заедно минува низ ваквото повторување. А во серијата „Руска кукла“ (Букбокс осврт тука) главниот лик постојано умира и потоа „воскреснува“ во истиот ден, обидувајќи се да го најде „багот“ во системот. Најпознат меѓу сите нив е „Денот на мрмотот“ со Бил Мареј од 1993.
Кога започнала да ја пишува „За пресметувањето на волуменот“ при крајот на 1980-тите, данската писателка Сулвеј Бале не знаела за ништо од претходното. Во првата книга, нејзиниот лик, Тара Селтер, трговец со ретки антиквитетни книги, се буди на 18 ноември, го напушта својот дом во француската провинција каде живее со сопругот Томас и оди на службен пат во Париз. Но кога се буди во нешто што би требало да е 19 ноември, датумот е повторно 18-ти. Нештата се вратени на почетната точка, со исклучок на нејзиното тело (случајно здобиена повреда која заздравува) и пар предмети за кои поради нешто временската јамка не важи. За разлика од „Денот на мрмотот“, кадешто секој ден е означен со превртувањето на бројките на 6 наутро и една те иста песна од алармот-радио, кај Бале во деновите упаѓаме само преку дневникот на Тара, во кој записите се често фрагментарни, фокусирани или само на нештата што таа се обидува да ги промени (за да го испита нивното влијание) или на нештата што се повторуваат но во кои забележува дотогаш игнорирани детали (на пример дождот, кој паѓа речиси цел ден, ама во одреден момент ја менува „мелодијата“). Записи за некои денови воопшто и нема, а тие, за да се разликуваат, се водат под бројче.
Од седумте оригинални книги во серијата, до сега на англиски се преведени три (последниот во ноември оваа година). Откако ја исчитавме првата, мислевме дека таа ќе води до некој напнат заплет, вовлекувајќи други временски оски, личности и паралелни приказни. Еве сме на третата, и од тоа нема ништо! Првичните теории, од тоа дека Тара е само малку дементна, ментално пореметена, па до тоа дека е мртва (и дека сè што ѝ се случува е само мигот на умирање), очигледно се само начин да се рационализира нешто на што авторката нема ама баш никаква намера да му пристапи со на тој начин. Многу бавно и трпеливо, таа воведува различни стратегии и перспективи на тој еден ден, во кој (барем засега) Тара е принудена во себе да ја пронајде силата, оптимизмот и љубопитноста за тоа дали има иднина и каков е нејзиниот индивидуален удел во неа. Така, го вежба волуменот и на нашата трпеливост и интроспективна моќ - особено ако ја читате книгата во тек на два дена чекање во ходник со итен упат на Клиника. Сестрите кои кореографирано влегуваат и излегуваат од амбулантите, бипкањето на нивните картици, извиците од шалтерот, гужвата на паркинг и повиците од работа „каде си?“. Замисли да ти се повторува еден таков ден!
Не знаеме каде ќе вози Бале во следните книги. Но ако го прави тоа на истиот начин како до сега, оваа серија има шанси да биде новата „Во потрага по загубеното време“ - тивко истражување на времето, она субјективното и егзистенцијалното, на кое не му е важно дали е 31 декември или 18 ноември. Важно е што правиме ние во и со него.
Илина, Букбокс