Веројатно и вам ви се случило последниве неколку месеци. Не знаете точно кој ден во неделата е, а и да знаете тоа не би ви правело некоја голема разлика. Јули некако пребрзо дојде, а еве, уште побргу поминува. Ненормалноста станува рутина - онлајн состаноците, посегнувањето по маската пред излегување, поздравувањето со лакт. Не е буквално будење во истиот ден како во „Денот на мрмотот“, затоа што освен вас во иста ситуација се и сите други. Но уште малку па ќе изгледа како вистински временски „луп“ - бесконечна низа од денови, во кои не се случува ама баш ништо особено.
„Палм Спрингс“ во таа смисла несакајќи идеално се вклопува во атмосферата. Најлс (Енди Самберг) стотина пати го живее истиот ден, свадбата на негови пријатели. Но она по што се разликува неговата од приказната на Фил Конорс од „Граундхог деј“ е што тој во оваа трагична ситуација не е сам. Случајно нему му се придружуваат Сара (Кристин Милиоти), сестрата на невестата, како и извесен Рој (Џ. К. Симонс), кој откако ќе сфати дека Најлс е причината за тоа што се нашол во „лупот“, се обидува да го убие. „Се обидува“ е навистина ироничен термин употребен во контекст на филмот, затоа што по секое умирање, Најлс повторно се буди. За повторно да биде прободен со стрели или да биде запален во базен полн бензин.
За разлика од Најлс кој изгледа горе-долу помирен со судбината, Сара се обидува активно да ги испита сите можности за земање на судбината во свои раце. Низ целиот процес и таа и тој сфаќаат дека свет во кој тие можат да прават буквално што сакаат, без ронка одговорност (бидејќи тој нели секој пат ќе се ресетира, одново и одново) сепак не е она што го сакаат. Исто така не сакаат и голем дел од нештата што ги направиле во претходниот живот, а кои можеби се и причината зошто судбината вака си поигрува со нив - со циклични реинкарнации во еден ист ден, клетва која може да биде симната само доколку се случи некаква катарза.
Но на вакво „прочистување“ не треба само да се седи и да се чека, макар тоа подразбирало и учење квантна физика (или во случајот на Фил Конорс - учење пијано) од нула. Работа на себе во екстремни околности. Иако не е особено оригинален ниту смешен, во актуелниот контекст „Палм Спрингс“ е одличен потсетник - дека дури и во моменти кога сè изгледа бесмислено затоа што утре ќе биде исто како денес, и периодите како овие се можност за расчистување со старите демони, интроспекција и склопување нови пријателства.
Илина, Букбокс