* текстот содржи делумни спојлери
Црвенокосата Надја го слави својот 36-ти роденден во стан на пријателка, со луѓе кои изгледа дека не ѝ значат многу. Дури ни забавата во нејзина чест не ѝ прави голем впечаток. Но работите се менуваат кога, откако ќе ја напушти забавата во потрага по мачорот Оутмил, ќе ја згази кола, за потоа повторно да се најде во истото купатило, во истиот стан, на истиот роденден. Така се активира временска „јамка“, во која надворешните околности за нијанса се менуваат, но едно останува исто - Надја на крајот од вечерта умира.
Како и Фил Конорс во „Денот на мрмотот“, и Надја - по професија програмерка на компјутерски игри - најпрвин мисли дека универзумот ја тестира нејзината интелигенција и способност да го најде „багот“. Рационализирајќи ги клучните елементи, таа од епизода во епизода по ред ги тестира: џоинтот со сомнителна содржина кој го добива како роденденски подарок, лудилото кое можеби го наследила од мајка си, можноста зградата во која го слави роденденот да е опседната со духови. Но работите се комплицираат кога случајно во лифт во слободен пад наидува на Алан, кој е по табиет сосема различен, но по карма во идентична ситуација. Како што се отвараат поскришните „матрјошки“, така тие одат подлабоко во истражувањето на сопствените трауми и искуства кои ги прават она што се - двајца заглавени во бришаниот време-простор, а чие ослободување зависи од меѓусебното разбирање и соработка.
Така, серијата станува егзистенцијалистичко преиспитување на смислата, која подразбира личен ангажман и одговорност во нејзиното конструирање. Неподносливата повторливост на нашите животи, кои - како и да го свртиш - водат кон смрт, може да се преиначи само со фокус на сопственото растење, излегување на крај со своите демони, и свртеност кон другите луѓе како кон ближни. Надја на почетокот е прилично „хај-хуј“ - хаотична, брза на јазик, непредвидлива. Но тоа што заради склоп на околности станува „ангел-чувар“ на друг човек, како и фактот дека од неговата судбина зависи и нејзината, ја прават поемпатична и подобра. Наташа Лион во улогата на Надја е п р е к р а с н а, а таа е истовремено и една од авторките на серијата.
За оние кои можеби ќе се чудат на крајот на сезоната, мал совет: откако ќе ја изгледате последната епизода уште еднаш кадар по кадар мотајте ги последните неколку минути. Видете како изгледаат Алан и Надја во нив, и како разделените патишта на нивните најдобри и најчисти јаства конечно се спојуваат.
Песната која се врти секогаш кога почнува нов „луп“ (како I Got You Baby во Денот на мрмотот), и која ќе ви одѕвонува уште долго откако ќе ја изгледате серијата