Признавам - неколку пати ја почнував „Сопранови“ и ја прекинував после втора-трета епизода, чудејќи зошто луѓе околу мене паѓаат во верски занес секогаш кога ќе биде спомната. Бои како во источно-европски филмови за траумите на социјализмот, монтажа како да ја правело петгодишно дете, камера како во документарец, неприродни дијалози меѓу криминалец и рафинирана госпожа психијатар, преочигледни референци на познати мафијашки филмови.
Но во момент на очај од немање што да се гледа, решив да ѝ дадам уште една шанса. Ја проголтав како парче тенко сечен „габагул“, како подгреано „зити“. Дома почнавме да зборуваме со акцент на втора генерација италијански мигранти, низ продавници се бараше капут како на Тони Сопрано, а списоците за купување почнаа да се вадат од замислен внатрешен џеб како ковертите со проценти од сомнителни зделки. Секогаш кога ќе беше убиен некој од симпатичните ликови му се оддаваше должна почит со еднодневно молчење на темата, за тој факт да слегне. И, нормално, веднаш по завршувањето на серијата празнината што тоа го предизвика мораше да се пополни, со што и да е што има врска со неа.
Во ноември, на подкастот Fresh Air на NPR, Мајкл Империоли кој го толкува Кристофер, младиот и надежен протеже на шефот, зборувајќи за својот најнов проект, серијата „Белиот лотос“, спомнува дека на почетокот на пандемијата со Стив Скирипа, кој го игра симпатичниот дебелко, Боби Бакала, одлучиле да ги изгледаат сите 86 епизоди, нешто што до тогаш никогаш го немале направено. Потоа почнале подкаст во кој споделувале искуства и спомени, а вклучиле и 44 членови на актерската екипа и 20 од авторите, меѓу кои и креаторот Дејвид Чејс. На почетокот мислеле дека со оглед на изминатото време (последната епизода на „Сопранови“ е емитувана на 10 јуни 2007) публиката ќе биде оладена, а дека новите генерации нема да имаат поим за што се работи.
Колку се излажале! Реакциите биле толку бројни, а поддршката толку голема, што на крај одлучиле транскриптите од разговорите да ги објават во книга. Насловот е поврзан со песната која оди на секоја најавна шпица - Woke Up This Morning oд Алабама 3, која се врежува во умот дури и ако кликнете Skip Intro.
За оние кои ја немаат гледано серијата, таа главно се одвива во Њу Џерси и Њујорк, а го следи Тони Сопрано, мафијаш кој се обидува да балансира помеѓу улогата на „капо“, сопруг, татко и љубовник. Неговите панични напади го поврзуваат, уште во првата епизода, со докторката-психијатар Мелфи - преку нивните сеанси дознаваме за комплексниот внатрешен живот на некој што на прв поглед изгледа како уште еден класичен насилник. И сите останати ликови не се еднодимензионални, па се случува истовремено да предизвикуваат и сочувство и крајно гадење од нивните постапки. Токму поради тоа „Сопранови“ е одличен терен за книжевна, филозофска и друга текстуална анализа, со еден куп статии кои ги доведуваат во врска мафијашите од Џерси со Декарт, Хјум, феминизмот, егзистенцијалистите.
Книгата, која патем има речиси 500 страници и детален индекс, ја следи еволуцијата на серијата, од аудициите, пилотот, па до последната антологиска сцена, чие значење до денес е мистерија. Низ меѓусебните разговори на Мајкл и Стив, но и нивните со колегите, сфаќаме колку проклето комплициран е процесот на создавање на едно вакво дело. Она што на екранот делува како патемна реплика било вежбано илјадници пати и снимано триесетина, при што во секоја од клапите морало да се џвака бифтек - на крај актерите едвај ја голтале „гумата“ од месо. Нивен најголем страв било дали ќе бидат „убиени“ во некоја од следните епизоди, а тоа биле и најтрауматичните муабети на авторите со секој од нив, како буквално да треба да ги егзекутираат. За да се омекне овој момент, на оние „регуларните“ сепак им го исплаќале хонорарот до крај на сезоната, или им ја „појачувале“ улогата, за да не се почувствуваат оштетени. Имало и посебен ресторан каде се одело да се одбележи заминувањето на некој од екипата, но новинарите го сфатиле ова па традицијата морала да се промени.
Некои од актерите првично требало да играат други улоги - за онаа на Тони Сопрано кокнкурирале дури двајца, Мајкл Рисполи (кој во серијата го игра Џеки Април) и Стивен ван Занд (гитаристот на Брус Спрингстин, кој го игра неповторливиот Силвио). Исто е и со жените - Лорин Брако (Мелфи) првин требало да ја игра Кармела, по логиката на тоа дека играше жена на мафијаш кај Скорсезе во „Добри момци“. А некои од актерите пак станале сценаристи и/или режисери на епизоди, како самиот Мајл Империоли, и Стив Бушеми кој е режисер на една од најдобрите (ако не и скроз најдобра), "Пајн Беренс“ (11-та во трета сезона).
Во времето на емитувањето на подкастот односно уредувањето на книгата, Гандолфини е веќе починат, и голем дел од муабетите му оддаваат почит, но откриваат и некои аспекти од неговиот карактер. На пример, кога среде снимањето на серијата имал проблем со продуцентите од ХБО, целата екипа застанала на негова страна, но тоа за нив значело година и пол без примања. Гандолфини ги собрал и во знак на благодарност им поделил чек со по 33.333 долари. По емитувањето на последната епизода на СИТЕ им купил скапи часовници, со гравура „Сопранови - 1997-2007“.
Откриваме детали и од приватниот живот на останатите, на пример дека Тони Сирико (кој го игра Поли) станувал во рани зори пред снимање и самиот си ја средувал косата со сребрените залистоци, но и дека бил највоведен во криминалното подземје од целата екипа - неколку пати лежел во затвор поради тепачки и кражби, и имал генерално живописно минато, во кое меѓу другото го има на корица на порно списание за жени од 1970-тите, каде е облечен во трико како Фреди Меркјури. Актерот кој го игра синот на Тони, Ej-Џеј, почнал како 13-годишно дете, како возрасен станал професионален покераш, но подоцна заглавил во алкохол и дрога. Во една сцена со него, кадешто со друштво го вандализираат школскиот базен, како статист се појавува и Лејди Гага (тогаш Стефани Џерманота).
Ако сте ја гледале „Сопранови“ и сте се навлекле, книгата ќе ви биде посластица. Ако не сте ја гледале - па што чекате, побогу?!
Илина, Букбокс