Да се работи со Чарли Чаплин значело да се поднесуваат трауми - актерите и екипата знаеле да се онесвестат од исцрпеност на сет, а биле отпуштани и за најмала грешка. Антологиската сцена во „Светлината на велеградот“ (1931) во која ликот на Скитникот добива цвет од главната актерка, Вирџинија Черил, била снимана неверојатни 342 пати во тек на пет дена, пред Чаплин да ја отпушти, а потоа повторно да ја ангажира Черил.
Ова е дел од „митологијата“ околу перфекционистот Чаплин и неговиот третман на соработниците, кој ни тогаш не бил сосема легален ниту пак морално прифатлив. Во нова биографија „Музиката на Чарли Чаплин“ на Џим Локнер авторот нуди поглед на личност која се смета за една од најзначајните фигури на раната кинематографија, но и на уметник опседнат со комплетно авторство.
Книгата е богата со детали: напорите кои Чаплин ги вложувал во тоа да научи да свири различни инструменти, музичките влијаниа врз неговите дела, нотни записи. Но истовремено Локнер го открива и она неубавото зад камерата, работохолизмот на режисерот и неговата фрустрираност што на полето на музиката не му одело баш толку добро колку на режисерското. Една од причините било тоа што не знаел да чита ноти, а и свирењето виолина или виолончело, на пример, не е баш нешто што може да се научи набрзина. Неколку соработници на Чаплин цитирани во книгата го опишуваат неговиот начин на работа со композиторите и музичарите на следниов начин - тој ги импровизирал мелодите (со ммкање или со ла-ла), или им ги опишувал тематски (на пример „тука сакам да звучи вагнеровски“), а потоа постојано ги корегирал изведбите додека не бил целосно задоволен. И така за секоја секунда од филмовите. Најмувал професионалци кои сето ова требало да го преточат во музичка нотација, продукција, аранжман, снимање итн.
Според Чарли Чаплин јуниор, соработката на татко му со овие музичари знаела да се претвори во „чиста тортура“. Така било, на пример, на сетот на „Модерни времиња“ (1936). Оркестраторот Едвард Пауел речиси ослепел од постојано препишување на нотите, а тогаш младиот Дејвид Раксин кој требало да ја направи оркестрацијата и аранжманите работел по 20 часа дневно, и за време на снимањето загубил 11 килограми. Диригентот пак во еден момент прснал, ја фрлил диригентската палка на сцената и заминал.
Јавното мислење обично е на страна на уметникот во потрага по совршенство, кој и самиот неуморно работи на истото. Но во случајов, иако не морализира, Локнер го претставува Чаплин во малку поинаква светлина од вообичаено - како безобзирен бизнисмен и егоцентрик. Тој, имено, често барал музичарите да потпишат договор според кој тој би бил единствениот автор на сета произведена музика (и во смисла на композитор но и во смисла на аранжман). Од правна гледна точка нема ништо спорно што уметниците потпишале ваков договор по сопствена совест и желба. Но во еснафот точно се знаело кој што можел да направи, и кој заслужува награда за истото, па и покрај тоа што во „Златната треска“ стои дека оригиналните композиции се на Чаплин, а музичарот Макс Тер е наведен како „музички директор“, токму Тер, а не Чаплин, бил номиниран за најдобра музика од филм на 15-тите Оскари во 1943.
Степенот на егоизам се претворил во апсурден дебакл кога Чаплин, Рејмонд Раш и Лери Расел добиле Оскар за најдобра композиција во драма, за Limelight во 1973. Филмот бил реиздаден две децении откако наводните комунистички ставови на Чаплин му го цензурирале филмот во 1952. До моментот на доделувањето се отвориле огромен број правни проблеми и конфликти во врска со тоа чии имиња треба да се изговорат на сцената. Тоа подоцна довело до промени во параметрите според кои музичкиот огранок на Академијата го ценел учеството во правењето на филмската музика, и до воведување на категорија „ко-композитори“.
А такви во случајот на Чаплин има повеќе отколку што изгледа на прв поглед. Митот за генијалниот автор често го прави ова - ги исклучува оние кои му помогнале во остварувањето на неговите несомнено визионерски идеи. На тој начин се добива многу нецелосна слика за уметникот, кој како да успеал да направи многу комплициран производ каков што е филм сосема сам. „Музиката на Чарли Чаплин“ е потсетник дека дури и таков забавувач како него не бил способен за нешто такво.