
Најстариот пар пантолони на изложбата отворена во март оваа година во Велтмузеум во Виена има над 3000 години. Нивниот носител е наречен „Човекот од Турфан“, бидејќи станува збор за наоѓалиште во близина на истоимениот град во Кина. Иновативните техники на ткаење, материјалот (волна од рано припитомена овца) и кројката се реконструирани од тим истражувачи од Германскиот археолошки институт во Берлин, но изгледаат неверојатно удобно и атрактивно и денес, со мекиот материја, учкурот и суптилната декорација (слика долу лево).
Низ вековите и во различни делови на светот овој дел од облеката е постојано менуван - обликот, кројката, бојата и материјалите често пати биле радикално прилагодувани на нови околности и стилови. Но тие исто така поттикнуваат различни асоцијации. Во некои култури се наменети само за мажи, во други се клучен елемент на женската носија. Во антиката, пантолоните ги разликувале варварите од цивилизираните - древните Грци ги сметале за смешни и несоодветни. Пантолони носеле „другите“: Скитите, Монголците - можеби и Македонците? Најчесто се среќаваат кај народите кои живееле, ловеле и се бореле на коњи поради практичноста на кројот, којшто сакале-нејќеле на крај го прифатиле и Римјаните од доцната антика.
Во ренесансата, па до Француската револуција, пантолоните биле носени од вооружените мажи, но во облик кои личат на денешни женски хулахопки, само пофенси - тие си ги покажувале нозете на провокативен начин како што подоцна тоа ќе го прават жените во мини сукњите.
Раскинувањето со пантолоните носени од едни, и нивна замена со други, знаело да биде и револуционерен чин. Санкилотите (слободен превод - Безгашници) се „обичните луѓе“ од 18 вековна Франција кои учествувале во Француската револуција. Зборот со кој се идентификувале означува дека тие, наспроти аристократите, не ги носеле тогаш модерните свилени пантолани-доколенки туку долги пантолони за пониските класи.
По Револуцијата жените се бореле за правото да носат пантолони во Париз. Облечени во нив можеле да водат бизниси и да заработуваат двојно од својот занает во споредба со жените во здолништа. Необично, но полицијата им дозволувала да носат пантолони на жените кои изгледале „машкобањасто“ по природа, бидејќи инаку во здолништа би изгледале уште понесоодветно - како мажи во женска облека. Сликарки и писателки, како на пример Жорж Санд, биле постојано во пантолони.
Во следните години низ Европа модните инфлуенсери се обиделе да ги ослободат жените од стегата на корсетот, воведувајќи тн. „харемки“, пантолони директно од Ориентот. Но трансферот бил реципроцитетен, бидејќи во Јапонија и Кина во 19 век почнал да невлегува европскиот идеал: јапонскиот цар Меиџи издал декрет со наредба неговите служеници да носат модерни, западни пантолони а да ги баталат своите традиционални носии, како знак на модернизација на земјата. Кинескиот лидер Мао е заслужен за кројката наречена „Мао одело“ носено и од мажи и од жени, кое се вратило во Европа како форма на интелектуална мода од 1970-тите.
Светот денес е раководен од оној (или онаа) што ги носи пантолоните - западните се етаблирани низ светот, во комбинација со сако, како симбол на деловност и сериозност. Ги има на модните писти и во сечиј шифоњер, како работничка облека, но и како „фешн стејтмен“, дури и кога се испокинати и избелени. Изложбата има и еколошка димензија, бидејќи ги отвора и прашањата за денешната модна индустрија – од брзата мода до тешките услови на текстилното производство.
Изложбата (официјален сајт тука) е отворена до 1 февруари, а интересен детал е што во сите простории под витрините има поставено огледала во кое си ги гледате сопствените нозе. И сопствените пантолони.
Илина, Букбокс