Последен пат за Џалал ад-Мухамед Руми (Мевлана), персискиот поет, теолог и суфи мистик од 13-вековна Персија пишувавме по повод снимањето филм за него, во кој во главната улога требаше да се појави Леонардо ди Каприо. Можеби и не е чудно што некој дошол на ваква необична идеја Руми да го игра холивудски бел артист, имајќи предвид на колкумина славни западњаци тој наводно им го има променето животот.
Мадона, Тилда Свинтон, Крис Мартин од Колдплеј, сите се имаат инспирирано од негови стихови и го наведуваат како нивен духовен „гуру“. Афоризми (што реални, што лажни) потпишани со „Руми“ секојдневно циркулираат по социјалните мрежи, а извадени од контекст и сместени во фотошопирани пејсажи звучат ко коељовштини. Toj вообичаено се опишува како мистик, светец, суфи, просветлен мудрец. Но она што е необично е што, и покрај тоа што го посветил животот на проучувањето на Куранот и на исламот, тој на запад ретко е опишуван (и) како - муслиман.
Кон крајот на животот Руми ја има напишано „Маснави“, епска поема во шест дела, чии 50,000 стихови се главно на персиски, но преполни со арапски извадоци од муслиманската света книга. Чести се референците на анегдоти од Куранот кои нудат морални поуки, па оттаму ова дело, кое многумина го сметаат за недовршено, го има добиено прекарот „Персискиот Куран“. Руми најверојатно го знаел наизуст, со оглед на тоа колку често го цитира во своите дела. Па сепак, во преводите, особено на англиски, оние стихови од неговите песни кои експлицитно можат да се доведат во врска со исламот најчесто ги нема.
Руми е роден на почетокот на 13 век во место кое денес спаѓа во Авганистан. Подоцна со семејството се преселил во Коња, денешна Турција. Татко му бил свештеник и теолог, и тој го вовел Руми во суфизмот. Синот го продолжил своето теолошко образование во Сирија, каде ги проучувал традиционалните правни кодекси на суни исламот, а подоцна се вратил во Коња како верски учител. Така било се додека не се сретнал со Шамс-и-Табриз, кој наскоро станал негов ментор. Во нова биографија под наслов „Тајната на Руми“ (која излегува од печат денес, 17.01), авторот Бред Гуч опишува како Шамс го поттикнал својот ученик да го доведе во прашање ригидното верско образование, потенцирајќи ја идејата за посветеноста како пат за станување едно со Бог. Така, Руми дошол до сопствено сфаќање на верата, како мешавина на интуитивна љубов кон Господ, која ја промовира суфизмот, со нормите на суни исламот и мистичноста која ја презел од Шамс.
Токму затоа Руми денес е почитуван и помеѓу муслиманите, но и меѓу христијаните и Евреите. Сепак, потенцирањето на универзализмот на неговите идеи како своја последица го има негирањето на нивниот муслимански извор. А токму тоа - тивка цензура - се врши врз мистичната поезија со исламски корени уште од викторијанството. Тогашните преведувачи кои ја промовирале оваа поезија сметале дека таа е мистична не заради, туку наспроти исламот.
Ова е време кога муслиманите биле правно дискриминирани - закон од 1790 го ограничувал бројот на муслимани кои можеле да влезат во САД, а еден век подоцна Врховниот суд го опишал „интензивното непријателство на луѓето со исламска вера кон сите други вери, особено кон христијаните“. Во воведот на неговиот превод на „Маснави“, сер Џејмс Редхаус во 1898 напишал: „Маснави се однесува на оние кои се обидуваат да го напуштат светот, кои сакаат да знаат и да бидат со Бог, да ги избришат своите јаства и да се предадат на духовна контемплација“. За оние на запад Руми и исламот веќе тогаш биле одделени.
Во 20 век повеќе преведувачи ја имаат пренесено поезијата на Руми на англиски, а еден од најзаслужните е Колман Баркс. Неговиот глас се слуша и на најновиот албум на Колдплеј, како рецитира една од песните.
Па сепак, тој не е толку преведувач колку што е толкувач: не чита или пишува персиски, туку ги трансформира 19-вековни преводи во американизирани стихови. Детален текст посветен на оваа тема во Њујоркер дава еден прилично индикативен пример во смисла на минимизирање на референците кон исламот. Случајно, тоа е токму песната која ја имаме објавено претходно, под наслов „Вака“. Овие стихови, кои ги преведовме од англиски...
Ако некој те праша
како би изгледало
совршеното задоволување
на сексуалната желба,
крени ја главата
и речи,
Вака.
...во оригиналната верзија всушност звучат вака:
Ако некој те праша
за хури-те,
крени ја главата
и речи,
Вака.
Хури се ветените девици во муслиманскиот рај кои таму ги очекуваат верниците. И во преводот на Баркс (и консеквентно на тоа и во нашиот) нив ги нема. Но затоа пак се оставени референците на Јосиф и Јаков.
Како мирисот на Јосиф му дојде на Јаков?
Фуууу.
Како му се вратил видот на Јаков?
Фуууу.
Ветрето ги чисти очите.
Вака.
Објаснувањето на Баркс е прилично приземно и гласи - „Јас сум презветаријанец, ги знам наизуст библиските стихови, а Коранот е тежок за читање“.
Дали е ова класичен пример на цензура? И дали доколку би биле оставени асоцијациите на исламот, поезијата на Руми навистина би била толку популарна помеѓу западните читатели?
Џавид Моадеди, истражувач на раниот суфизам, со години работи на преведувањето на сите шест тома од „Маснави“. Три од нив се веќе објавени, а четвртиот треба да се појави оваа пролет. Неговите преводи ги земат предвид исламските текстови во оригинал, користејќи италик за да се укаже на моментот кога Руми се префрлува на арапски. Книгите содржат и голем број фусноти и белешки кои се често напорни, а стиховите ги прават тешки за лежерно коељовско цитирање. Но пораката на ваквиот „непрочистен“ превод е дека пораките на Руми со нивно доведување во врска со исламот не само што не губат на тежина, туку покажуваат дека „и муслиманот може да биде таков“.