Првиот клип кој се отвара кога ќе се пристапи кон архивата на Јунис Нортон, oдносно кон нејзиниот Јутјуб канал, е нејзината изведба на „Голдберговите варијации“ на Бах, снимена во 1942. Taa се наведува како прва изведба на ова дело на пијано наместо на чембало, и се споредува со славната снимка на Глен Гулд од 1955. Кога веќе била толку пред своето време, и имала толку голем талент, зошто никој не ја спомнува Нортон денес?
На каналот има и сведоштва и интервјуа со неа, а од едно од нив, од 1997, дознаваме повеќе за нејзиниот живот. Родена во Минеаполис, младата Јунис била дете-гениј за музика.Од страна на тогаш славната пијанистка Мајра Хес ѝ било овозможено да учи пијано кај професорот на Хес во Лондон. Уште како тинејџерка почнала со концертни настапи, а паралелно со тоа ја усовршувала својата техника. Кога прв пат го слушнала славниот австро-американски пијанист Артур Шнабел и неговата изведба на Бетовеновите сонати одлучила да мине три години под негово туторство во Берлин и во Италија, по што следеле долги години пријателство и соработка.
Но во 1934 таа се омажила со хемичарот Бернард Луис и се преселила во Питсбург, каде работела за некакво државно Биро за рудници и се грижела за семејството. Продолжила да настапува, но со многу намален интензитет. Со мажот ѝ го формирала Камерното музичко здружение на Питсбург кое постои и денес, а истовремено држела и мастер класови низ повеќе американски универзитети. Но според текст во Њујоркер ваквото повлекување не било исклучиво избор на Нортон. Нејзината дискографска куќа, Колумбија артистс, по нејзиното мажење ја тргнале од списокот на музичари кои ги претставувале, само затоа што сметале дека таа со своите домашни обврски нема да биде на нивото на останатите.
Но Јунис била сè само не слепо врзана за традицијата. Покрај класиците, нејзиниот репертоар вклучувал и музика на 20 век, тогаш кога таа се уште била контроверзна. Во 1950, на пример, снимила два става од „Петрушка“ на Стравински, со сета нивна дисонантност и неочекувани пресврти.
Починала во Виена на возраст од 97 години. Нејзината последна снимена изведба е на Бетовен (Варијации на Дијабели) од 1989.