Бомбардирано училиште. Толку голема досада што паѓањето на плод од стебло гинко станува извор на забава. Мртви тела по улиците. Пилот за кого се сметало дека е мртов влегува во ресторан на изненадување на неговите пријатели.
Сето ова се спомени на луѓе кои преживеале големи историски настани: Втората светска војна, војната во Виетнам, културната револуција во Кина, тоа се сцени и искуства кои останале со нив со децении. Додека ја живееме глобалната пандемија, помислата дека и ние живееме нов голем историски момент е необична. Зарем ова ќе биде она за што ќе им раскажуваме на нашите внуци, ќе го запишеме во историските книги и ќе го споделуваме како усна историја?
Секојдневието изгледа незаборавно, затоа што е прилично необично, на моменти и трагично: новите информации за бројот на заразени и смртните случаи на светско ниво, следењето прес конференции, пазарењето вон полициски час и дремењето на тераса во текот на забраната за движење. Работењето (за некои од нас) од дома, и празните улици.
Но на што ТОЧНО ќе се сеќаваме неколку години подоцна? Вистината е дека нема да се сеќаваме речиси на ништо, бидејќи тоа е обично така - не ја памтиме секоја минута, или секој ден, забораваме луѓе, места, расположенија и настани. Во 1890 психологот Вилијам Џеjмс напишал дека емоционалните настани имаат толку големо влијание врз нас што „речиси оставаат лузна врз мозочното ткиво“. Но за оние кои од целава ситуација ќе излезат релативно нетрауматизирани, периодот ќе остане само една матна дамка на нивната мемориска мапа.
Се разбира оние најизложените на ризик, како медицинските лица, ќе имаат поинакви спомени, и сосема е можно да страдаат од пост-трауматски стрес. Истото важи и за оние чии блиски ќе се разболат и ќе починат, како и за оние кои ќе останат без работа и ќе се соочат со економските последици. Но сите останати кои ја имаат привилегијата да седат дома и да следат секојдневна рутина (односно да се досадуваат), по овој развлечен „историски настан“ нема да имаат некакви остро дефинирани спомени. И тоа за нив е добра вест, затоа што по некоја година ќе можат лежерно да се присетат на него со зборовите: „Се сеќаваш кога миевме раце по дваесет пати на ден?“
Силните емоции - без оглед дали се среќни или тажни - влијаат врз тоа дали ќе се сеќаваме на нешто или не. Но дури и тие можат да бидат нецелосни или погрешни, и да зависат од нашата подоцнежна интерпретација. Ова особено се однесува на трауматичните сеќавања, поврзани со настани кои не го засегаат само нашиот живот, туку и колективниот. Во студија од 2003, на пример, луѓето кои живееле во Њујорк во текот на 9/11 имале многу прецизни сеќавања на општите настани, но многу дупки во нивните автобиографиии, во спомените конкретно врзани за нив и нивните дневни животи, во споредба со луѓе кои истиот тој период живееле во Калифорнија или на Хаваи.
Со емоциите, значи, е како да менуваш фокус на фото-апарат - ако некој ти држи пиштол на чело сигурно ќе се сеќаваш на детали од пиштолот, но нема да знаеш каква боја била зградата во која се случувал настанот. Уште неколку елементи одредуваат дали и на што ќе се сеќаваме. Еден од нив е „новитетот“ на настанот - ако нешто се случува за прв пат или е различно од вообичаеното искуство, тогаш подобро се памти.
Но токму во ова се состои парадоксот на пандемијава - иако ни се случува за прв пат во волкав обем, нашите денови се исполнети со истост, и оттаму елементот на „новото“ бргу бледнее. Затоа, дури и да се сеќаваме на нешто од овој период, тоа веројатно ќе биде мешавина од нешта кои се случувале во тек на недели и месеци. Најјасно ќе се сеќаваме на промените: на пример последниот пат кога сме седеле во кафана пред нејзиното затворање, и првиот пат кога таму сме се вратиле. Сето она помеѓу ќе биде прилично „матно“, и под подоцнежно влијание на оние кои за свои цели ќе сакаат да ни ги пополнат дупките со свои агенди. Историјата, се вели, ја пишуваат победниците. Или можеби оние кои подобро се сеќаваат од другите?
Види претходно:
„Подгответе се за пост-корона манипулација на здравиот разум“