Ако појдете на која и да е страница поврзана со „Човекот што падна на Земјата“, како автори на музиката за него се наведени Џон Филипс, поранешниот водач на групата „Мамас енд папас“, како и јапонскиот перкусионист Стому Јамашта. Помеѓу изведувачите е и поранешниот гитарист на Стоунси, Мик Тејлор. Материјалот е снимен во лондонско студио, но поради некаков конфликт помеѓу него и режисерот на филмот, Николас Роуг, тој никогаш официјално не е издаден. Тоа за прв пат ќе се случи овој октомври, кога саундтракот ќе биде објавен како дел од колекционерска серија.
Ова ги поттикна заборавените муабети за она што требало да биде првична музичка подлога за филмот, а требало да ја прави Боуви, веднаш по завршувањето на снимање. Замислувал дека овој албум ќе биде продолжение на неговиот Young Americans. Но во трите месеци по последната клапа тој успеал да финализира само пет или шест траки, и тоа во бизарна мешавина на стилови - од кантри рок до инструментали изведени на африкански инструменти и атонална електронска музика.
Британскиот аранжер Пол Бакмастер работел на демо снимките со Боуви во изнајмена куќа во Холивуд. Кога ја пуштиле музиката паралелно со филмот, излегло дека ништо не е синхронизирано со сликата, и дека таа е генерално неупотреблива.
Режисерот почнал да паничи, и на само неколку недели од планираната премиера која требало да се одржи во март 1976, тој му се обратил на Филипс, со кого имале, благо речено, интересно пријателство. Нивните расправии често завршувале со тоа што пијани се тепале на подот, превртувајќи маси и столици - нешто по што Роуг бил познат. Но без оглед на тоа, Филипс прифатил да работи на музиката, иако не му било баш јасно зошто тоа не го направи Боуви, „очигледниот избор“ за таа работа.
Кога пристигнал во Лондон, Филипс морал итно да најде добри музичари, „некој што навистина знае да свири“. Така во проектот влегол Мик Тејлор, со кого снимале во изнајмена куќа во Челси. Во еден момент таму влетал и Кит Ричардс, кој го немал видено Тејлор од моментот кога вториов ги напуштил Стоунси, една година претходно. Единствениот начин на кој можел да се скрши мразот бил тие да почнат да свират заедно, што и се случило - ги зеле гитарите и почнале да свират стари кантри песни. Токму тие станале основа за музиката снимена за филмот, која вклучувала и нивни оригинали и преработки.
Цело време на снимањето Филипс речиси и да не спиел, бркајќи жени (меѓу кои и Бјанка Џегер, додека таа била со Мик) и земајќи големи количества кокаин. Сето ова довело до звучни халуцинации - тој постојано бил незадоволен од снименото, велејќи дека има некакви шумови таму каде што ги немало. Им ги кинел нервите на тон инженерите и го губел времето. Но кога Роуг конечно дошол во студиото и му дал рок од 12 часа да заврши, тоа било и сторено. Останува мистеријата како би изгледала таа ако Боуви останел нејзин автор.
Трејлер за реставрираниот филм, кој во британските кино сали ќе почне да се прикажува од утре (9.09):