Бароуз тврдел дека вирусот на репресија се шири преку дневниот печат, па со прекројување и пермутирање на текстовите во нив би можело да се карикира и оттаму да се релативизира нивното влијание. Заедно со Брајон Џисин, сликар од Париз, кого своевремено Бретон го исклучил од надреалистичкото движење, го прекројувале Шекспир, Рембо, Селинџер и Елиот, и ги мешале нивните дела со новински наслови. Навидум постапката е едноставна, но за квалитетен резултат се потребни месеци макотрпна работа. И покрај тоа што овој метод бил откритие на Џисин, Бароуз бил тој кој ќе го одведе книжевниот експеримент до крајните граници.
Изложбата во Кунстхале наречена „Cut-ups, Cut-outs" го покажува развојот на овој „проект", зачнат во парискиот Бит хотел во 1959. Таа вклучува текстови пишувани на машина со рачно вцртани дијаграми на нивните вмрежувања, дрвени подлоги и врати во кои Бароуз пукал од огнено оружје нарекувајќи го ова посебен тип сликарски активизам (пред нив поставувал лименки со синтентичка боја), хартиени мети со службеници на репресивни институции во кои пред крајот на животот исто така пукал, цртежи, филмови и звучни колажи, како и книги и статии напишани за него.