Изумителот се викал Џорџ, а се презивал, многу соодветно - Мериведер (Merryweather) или „добро време“. Во креирањето на својот „револуционерен“ апарат за предвидување невреме тој бил инспириран од два стиха од песната „Знаци за дожд“ на Едвард Џенер, истиот оној кој ја пронашол вакцината за мали сипаници, но имал и поетски амбиции. „Вознемирената пијавица се поткрена/Речиси до врвот на својот притвор“. Инстинктот кој ги тера животните да реагираат кога се подготвува невреме станал основа на неговиот изум, со оригинално име „Атмосферски електромагнетски телеграф“, кој денес е познат како „Предвидувач на бури“ или „Барометар со пијавици“.
Како доктор, Мериведер бил добро информиран околу крвопијните црви. Речиси секоја болест во тоа време подразбирала апликација на пијавици, од хемороиди до нервни нарушувања. Само за еден третман биле користени и по 80 од нив. Медицинската употреба на пијавиците била толку масовна, што на овие сироти суштества почнала да им се заканува опасност од истребување. Во раниот 19 век 30 милиони пијавици се извезувале секоја година од Германија во САД. Кога немало доволно примероци, се нудела награда од 500 долари за секој кој би одгледал европска пијавица чии својства се сметале за подобри во споредба со американските.
Неговиот изум се вклопил во интересот на метеролозите и математичарите од тоа време да ги разберат мистериозните сили кои влијаат врз временската прогноза. Истовремено, тој сакал да им помогне на фармерите и на свештениците од провинцијата, кои морале да патуваат од парохија до парохија, да знаат какво ќе биде времето и на што да се подготват.
„Предвидувачот на бури“ бил висок речиси еден метар, бил убаво декориран, направен од полирано француско махагони, стакло, сребро и метал. Дванаесет стаклени шишиња стоеле во круг околу периметарот на апаратот, а во секое од нив имало „резидентна“ пијавица во мало количество дождовница. Кружниот облик не само што бил убав на око, туку, како што напишал Мериведер, бил и хуман, затоа што пијавиците можеле да се гледаат меѓусебно и да не страдаат во осама.
Во вообичаени околности пијавиците се држеле до дното на водата.Но кога воздушниот притисок ќе почнел да паѓа под влијание на надоаѓачко невреме, тие како да го чувствувале тоа, па почнувале да се движат „како да се подложни на некое моќно но невидливо влијание“. Исто како што живата се качува во термометарот, така и пијавиците се качувале во водниот столб како што се ближел дождот. Кога пијавицата ќе стигнела до врвот на шишето, таа активирала мало ѕвонче, што на присутните во просторијата им сигнализирало дожд.
Според Мериведер некои од пијавиците биле „поталентирани“ од други - помеѓу нив имало „пророци“, а други биле „апсолутно глупави“.
Колку и да бил успешен, методот имал ограничувања. Не можела да се предвиди насоката на бурата, ниту пак да се прецизира точното време кога таа ќе се случи (освен неодреденото „наскоро“). Сепак, многумина сакале да го видат ова чудо, па во 1851 „Предвидувачот“ заминал на турнеја и речиси шест месеци бил изложуван на Големата светска изложба во лондонскиот Хајд парк.
Во 1854, адмиралот Роберт Фицрој бил назначен за главен државен метереолог. Владата го испитала системот на Мериведер како опција за големиот број нејзини станици, но тој бил отфрлен како непрактичен, меѓу другото затоа што пијавиците требало да бидат хранети еднаш месечно а водата да им се менува еднаш на пет дена. Фицрој повеќе го сакал „садот за бура“ кој содржел мешавина од камфор, хемикалии, вода, алкохол и воздух. Се сметало дека кристалите и пареата во течноста укажуваат на промени на времето. Иако не бил толку добар во предвидувањето на дожд и невреме во споредба со пијавиците, тој останал во употреба со децении. Во меѓувреме оригиналниот Предвидувачот некаде се загубил, но еден век подоцна од него биле направени голем број реплики за Големата изложба од 1951.