Ксенотекст

Бактериолошки исправна поезија

По веста дека 154 сонети на Шекспир и говор на Мартин Лутер Кинг се складирани во човечка ДНК, сега еден поет успеа да ја направи првата поетска - бактерија!

По 11 години работа, Кристијан Бек (Christian Bök), професор по креативно пишување на Универзитетот во Калгари, успеа да вметне негова поезија во бенингна бактерија Deinococcus radiodurans (на сликата), која заради способноста да опстане на многу ниски температури или во вакуум е прогласена за најотпорна бактерија во Гинисовата книга на рекорди. Песната се вика „Ксенотекст", складирана е на ДНК низа, која вметната во бактеријата ја поттикнува да создаде одреден протеин кој, откако ќе биде декодиран, претставува еден стих.

За да го постигне ова Бек со години учел биохемија и генетски инженеринг, и успеал да собере 120,000 долари за истражувачка и лабораториска работа. Тој би поттикнат на овој потфат откако прочитал статии од двајца истражувачи кои успеале да ги енкодираат стиховите од познатата песна на Дизни It's a Small World After All во бактерија, претпоставувајќи дека ако некоја вонземна цивилизација сака да исконтактира со други светови, па и со нашиот, таа би испратила високо адаптибилни организми - нешто слично на бактерија или вирус - кои би можеле да пренесуваат пораки и да опстанат во суровата околина на вселената.

Првиот обид на Бек бил неуспешен со оглед на тоа дека бактеријата ја отфрлила неговата ДНК. „Тоа беше лоша вест", вели Бек, „бидејќи значеше дека моето дело се уништува. Наместо да создадам прв микроб-писател, излезе дека го создадов првиот микроб-критичар". Но сега организмот реагира како што треба, а песната удобно живее внатре бактеријата.

Бек и до сега имал визионерски поетски идеи: има создадено вештачки јазици за СФ серии како „Земја: финалниот конфликт", а во 2002 ја објавил книгата Eunoia, поетски експеримент, во кој секое поглавје е напишано со зборови кои содржат само една од самогласките. Насловот, кој во буквален превод значи „добро мислење" е медицински израз за нормално ментално здравје, но е одбран и заради тоа што е единствениот збор во англискиот кој ги содржи сите пет самогласки. За да ја напише книгата Бек го прочитал Вебстеровиот речник во три тома пет пати.

Кога ќе биде издадена во 2014, „Ксенотекст", односно истоимената книга, ќе содржи примерок од бактеријата, како и есеи и песни за проектот.

29 јануари 2013 - 08:09