Барнет Ли „Барни“ Росет, кој почина во 2012, беше сопственик на авангардната издавачка куќа Гроув Прес, и најпознат по биење на долги но успешни правни битки за објавување на нецензурираната верзија на „Љубовникот на лејди Четерли“, а подоцна и на делата на Хенри Милер. Правото да го објави „Раковиот напоредник“ на Милер (за чијшто македонски превод пишувавме тука) му било потврдено од страна на Врховниот суд на САД во 1964, во одлука која се смета за клучна за промоција на слободата на говорот и на Првиот амандман.
Неодамна излегоа неговите мемоари под наслов „Росет: мојот живот во издаваштвото и како се борев против цензура“, кои се резултат на долго копање и истражување низ сите материјали кои тој ги архивирал низ годините, за што требало да бидат ангажирани 15 уредници и најмалку четири издавачи.
Додека Росет бил жив книгата немала големи шанси да излезе бидејќи тој постојано нешто менувал во неа. И не е ни чудо, бидејќи како издавач тој тоа постојано го правел со авторите кои ги промовирал, меѓу кои и перјаниците на авангардната европска литература како Семјуел Бекет, Жан Жене и Еуген Јонеско. А и по карактер бил терсене - во досието кое било водено за него во текот на Втората светска војна тој бил опишан како човек со највисок интегритет, независен, храбар, агресивен, но на кого му недостасува дух на компромисност, саркастичен и не баш рационален.
Ваквите квалитети не му згаснале до крајот на животот. Во 1951 за 3000 долари купил мала издавачка куќа, Гроув Прес. Веднаш се впуштил во ризични потези и во спомнатите судски процеси, кои ги водел не само за книги, туку и за правото да дистрибуира експериментални еротски филмови, како шведскиот „Љубопитна сум (Жолто)“.
Сепак, најинтересното поглавје од животот на Росет е неговата врска со Бекет, која започнала кога Гроув ја објавил „Чекајќи го Годо“ во 1954. Во дел од книгата се опишува како Бекет се загубил на некаков саем во Њујорк на неговиот последен ден од посетата на Америка. Пред да се качи на авион, тој наводно му рекол на својот издавач: „Ова не е вистинската земја за мене. Луѓето се пречудни“.
Но САД изгледа не била добра земја ни за Росет - тој по низа финансиски порази во 1985 ја продава издавачката куќа. По една година новите сопственици го отпуштаат. Во неговиот по малку арогантен стил, тој во книгата вели дека сака да биде запаметен како издавач кој ја преминал културната бариера изградена како Берлински ѕид помеѓу јавното и слободното изразување во книжевноста, филмот и драмата. И како што изгледа, тоа ќе биде така.