За „Раковиот напоредник", која почнува токму со овие реченици, прв пат чув некаде во втора година средно кога го гледав After Hours на Скорсезе, кај нас познат како Идиотска ноќ. Главниот лик, Пол Хакет (го игра прекрасниот Грифин Дан), запаѓа во животно-загрозувачки, но и крајно комични ситуации додека една ноќ се обидува да си го најде патот до дома, минувајќи низ живописното Сохо. Меѓу купот откачени ликови кои притоа ги среќава е и убавата Марси (Росана Аркет), со која се запознава додека таа на кафанска маса ја чита „Раковиот напоредник". Тоа е почетокот на неговото апсурдно талкање по улиците на Њујорк, кое завршува кога едно комбе, точно на почетокот на работното време, го исфрла пред неговата крајно здодевна, но безбедна канцеларија.
„Раковиот напоредник" сепак не се случува во Њујорк туку во Париз, и тоа во триесетите на дваесетиот век, времето на големата светска депресија. Атмосферата е мачна, и далеку од хумористична. Светот е во хаос од кој никако да изникне новиот поредок. Милер и неговите пријатели, исто како и Пол Хакет во „Идиотска ноќ", се обидуваат да го најдат својот пат низ урнатините на цивилизацијата, и не само да го опишат и да го коментираат, туку пред сè да го преживеат. „Ова е книга може да ни го обнови апетитот за фундаменталните реалности", напишала во предговорот на првото издание од 1934 Анаис Нин, една од придружничките на Милер во неговата фундаментална, човечка и писателска реалност. На корицата на ова прво издание, освен еден голем рак кој демне над планетата земја, има и забелешка: „да не се увезува во Велика Британија и САД". Книгата сепак била објавена во Америка, дури дваесет и седум години подоцна, во 1961, по што издавачот Grove Press се нашол на суд заради 'бесрамност'. Работата стигнала до Врховен суд, кој во 1964 пресудил во корист на издавачот, што се смета за пресвртница во понатамошното законско дефинирање на "порнографијата", и воопшто во цензурирањето на уметноста на американско тло.
Исто како и во претходната книга претставена во Букбокс, „Приказната на О", деталните описи на сексуалните доживеалици на ликовите сепак не се она најбитното. Во случајот со „Раковиот напоредник" она што ги поттикнало Норман Мајлер, Семјуел Бекет или Џорџ Орвел да ја прогласат за еден од најважните настани во историјата на модерната литература не била нејзината скандалозност во таа, сексуална смисла, туку генералниот стилски и јазичен неконформизам: играњето со композицијата, монтажноста и мешањето на фикцијата со автобиографското.
Во географијата Раковиот напоредник е еден од петте главни напоредници на Земјата. Но без оглед дали сте токму на него, на 23° 26′ 22″ северно од Екваторот, каде во јуни на пладне сонцето ви свети директно над главите, или на 42°0′N 21°26′E каде во октомври крај Вардар почнуваат да фаќаат првите метафизички мразеви, вашето чувство на отуѓеност и 'изгубеност' може да е исто. Единствено што ви останува е ориентирајќи се преку ѕвездите и напоредниците да пробате да си го најдете патот, до дома.