Одделението за енергија на САД тестирало повеќе од илјада нуклеарни средства во пустината Невада, само 104 километри северозападно од Лас Вeгас. Почетокот бил означен со детонација на боева глава над пустината, чии познати печуркести облаци биле лесно влидиви од блиските локации на кои се собирале туристите.
Во вистински Лас Вегас стил градот одлучил да профитира од атомските спектакли. Стопанската комора печатела календари на кои биле обележани термините за детонации и најдобрите места за набљудување. Казината чии тераси овозможувале добар поглед нуделе специјални „атомски коктели“ и забави на „бомбашки мугри“, кога толпата танцувала и врескала кога ќе видела отсјај од експлозијата на небото. Се организирале и избори на „Мис Атомска Енергија“, при што девојки дефилирале во костими за капење и облека која асоцирала на бомбата.
„Атомските експлозии се најдоброто нешто што му се случило на Вегас“, изјавил тогаш еден коцкарски магнат. Сето ова во време обележано со ужасите од Хирошима и стравот од „Црвената напаст“, крајната несигурност околу тоа што може да донесе следниот ден. Муабетот за блиска апокалипса бил секојдневие, па низ овие незауздани журки веројатно се изразувале ем фасцинацијата од новата технологија, ем стравовите од непознатото.
Ова траело до 1963, кога Договорот за ограничено тестирање на атомските оружја означило крај на надземните нуклеарни проби. Така завршила и атомската слава на Лас Вегас, каде денес се наоѓа Националниот музеј на атомското тестирање.