На фотографија која кружи по интернет, еден постар човек со долга брада, облечен во бела кошула, стои со дрвен рекет пред мрежа, зад која пак стои жена облечена во долг фустан. Оние кои ја постираат тврдат (или барем се сомневаат) дека човекот е Толстој, а дека фотографијата е направена од неговата жена, Софија, која има оставено стотици слики од семејството. Ама тоа и не е најинтересното туку фактот дека Толстој, тој симбол на аскетизам, би се занимавал со еден ваков, аристократски спорт, и тоа на стари години?
Кога имал четириесетина, Толстој сметал дека тенисот е хипстерски луксуз, хоби за новопечените богаташи, нешто увезено, неавтентично - детска игра за добростоечки возрасни кои одбиваат да пораснат. Ова го дознаваме од 22-рото поглавје на „Ана Каренина“, напишана во 1870-тите, кога модерната игра „тенис на трева“ била патентирана од Волтер Клептон Вингфилд, британски воен офицер. Вингфилд најверојатно искомбинирал неколку извори - игра слична на сквош која се играла во Англија, „вистински тенис“ од дворот на Хенри Осми, баскиска игра наречена пелота, бадминтон и jeu de paume, игра од Франција. Вингфилд најпрвин ја нарекол неговата игра „сферистика“ од древниот грчки израз за „вештина со играње со топка“, но иако името било тешко за рекламирање, идејата да пакува рекети, топки, мрежа и столпчиња во кутии соодветни за прекуморски извоз се покажала како одлична.
Во 1874, првата година од неговиот бизнис, тој испратил илјадници сетови и во англиската провинција и во САД, а наводно дури и до Русија. Еден од нив некако пристигнува на внимателно обработениот терен близу куќата на Толстоевата Ана, каде таа оставајќи го мажот и синот во Москва, заминува да живее со љубовникот Вронски. По формална вечера на имотот, гостите на парот излегуваат на тенискиот терен. Наскоро играта ја преземаат мажите, кои како што забележува Набоков во неговите „Предавања за руската литература“, бараат дозвола да ги соблечат сакоата и да играат во кошули со кратки ракави. Доли, золвата на Ана, која е всушност во морална смисла некој вид алтер-его на Толстој, во тој момент се смрачува заради „неприродноста на тоа возрасни мажи да играат детска игра“, а на Вронски и неговите пријатели гледа како на модерни буржуи, кои во сите аспекти на животот се „актери“ а за кои секој контекст е „сцена“.
Ако неговиот став кон тенисот бил ваков, тогаш дали е можно Толстој некогаш воопшто да посегнал по рекет? Според збирка текстови и интервјуа на П. А. Сергеенко, новинар и современик на Толстој, под наслов „Како живее и работи грофот Толстој“, објавена на англиски во 1899, славниот писател во неговите доцни шеесети, до тогаш веќе национална икона и со светска слава, во тоа време интензивно работи на спроведување на својата морална филозофија - вегетаријанец е (дури пие кафе со бадемово млеко), се откажува од секс (горе-долу) и на ужас на жена му сака да го раздаде имотот. Но сред сето ова, според Сергеенко, Толстој минува часови и часови неделно на теренот направен во Јасна Полјана, и тоа според негово објаснување не само за да ги зајакне мускулите, туку и да го вежба трпението (играл главно со жена му).
Потврда за тоа дека Толстој играл тенис има и во уште неколку биографии и збирки есеи oд посветени проучувачи на руската литература. Но самиот тој никогаш не пишувал за играта. Во времето кога почнал да се бави со тенис, истовремено научил и да вози точак. Откако починал неговиот седумгодишен син тој бил скршен од болка, па Московското здружение на љубители на велосипеди му обезбедило бесплатен точак и часови, кои ги земал на имотот, за да се релаксира. Неговите соселани не гледале добро ни на ова - возењето велосипед за нив било глупаво „перчење“, и исто како и тенисот, детска работа.
Иако не го спомнал тенисот и велосипедот како конкретни активности, во своите дневници, Толстој напишал:„Нема ништо лошо да уживаш во едноставни задоволства“.