Псевдонимот „Алан Смити“ го создала Асоцијацијата на режисери на Америка (Directors Guild of America) во 1969 година, кога се соочила со необичен проблем околу филмот „Смртта на еден револвераш“. Првично него го режирал Роберт Тотен, но поради креативни несогласувања со главниот актер Ричард Видмарк, тој бил отстранет од проектот. Неговото место го зазел Дон Сигел, кој пак не сакал да биде потпишан за материјал што делумно не бил негов.
Бидејќи синдикатот бара секој филм задолжително да има наведен режисер, решението било – измислено име. Така се појавил „Allen Smithee“, подоцна стандардизиран како „Alan Smithee“.
Сепак, не можел секој режисер едноставно да каже „не сакам да ме има во шпица“. DGA имал строги критериуми. Режисерот морал да докаже дека неговата креативна визија била сериозно нарушена – при снимањето или монтажата – до тој степен што повеќе не го препознава филмот како свој. Целта била да се заштитат авторите, но и да се спречи продуцентите да ги принудуваат режисерите да се откажат од авторството кога нешто ќе тргне наопаку.
Меѓу најпознатите случаи е „Дјун“ од 1984 година. Кино верзијата го носи потписот на Дејвид Линч, но за телевизиската верзија, која била значително изменета, наместо него стои Алан Смити.
Од 1969 до 2000 година, „Алан Смити“ бил наведен како режисер на неколку десетици долгометражни филмови, како и бројни ТВ-епизоди и други проекти. Но во 1997 година се случува пресврт: излегува сатиричниот филм „Алансмитовски филм - Гори Холивуд, гори“, кој директно го исмева феноменот на режисери што се откажуваат од своите дела.
Тој доживува комерцијален неуспех, а со оглед дека псевдонимот станал јавна шега, DGA решава да го „пензионира“ името. Од тој момент, наместо „Алан Смити“, се користат други, помалку препознатливи псевдоними.
Но приказната не завршува тука. На платформата Имдб „Алан Смити“ и понатаму има профил со повеќе од 150 режисерски кредити – вклучувајќи ТВ-филмови, музички видеа, реклами и кратки форми. Дури има и кредити како сценарист, продуцент, директор на фотографија и актер. Со текот на времето ова име станува симбол на креативен конфликт, на судирот меѓу авторската визија и индустриската машинерија. Тој е доказ дека филмот не е само уметност, туку и компромис, политика и моќ.