Изабела Дала Раџоне е родена 1957 во Сан Сеполкро, родниот град на раниот ренесансен мајстор Пјеро де ла Франческа. Како и во голем дел од рурална Италија, и во ова место селаните во минатото ја работеле земјата на побогатите, во замена за 50% од жетвата. Но кога Италија преминала на индустриска економија во текот на 1950-тите, земјоделците главно ги напуштиле имотите и се преселиле во град. Притоа голем број традиционални практики биле загубени. Таткото на Изабела, Ливио, бил еден од оние кои се обидувале да ја зачуваат народната култура. Инспирирана од детската потрага по старовремски алатки и растенија на која одела со него, таа подоцна се запишала на агрономија на Универзитетот во Перуџа, каде специјализирала генетска и културна историја на овошјето.
Во 1972 со татко ѝ ја формирале и Археологија Арбореа, организација која се занимава со заштита на локалното знаење на земјоделците. Преку комбинирање на традиционални истражувачки методи, како на пример трагање по архиви, и работа на терен на напуштени полиња и манастирски овоштарници, семејството Дала Раџоне можело да идентификува стотици растенија, и да ги насади на својот имот кој датира од 12 век, во Сан Лоренцо ди Лерчи.
Но пред две децении таа сфатила дека пред очи ѝ се кријат скапоцени назнаки за исчезнати овошки - на ренесансните фрески и слики зачувани во различни палати и музеи во централна Италија.
Една од нив била палатата од 16 век, Буфалини, изградена од страна на богато семејство од блискиот град Сита ди Кастело. Палатата е дом на богата збирка древни документи, вклучително и на сметки за прехранбени артикли и рецепти кои вријат од референци на некогашни растенија. Но не само тоа, во самата палата имало мурали и фрески кои содржеле визуелни назнаки за некои од овошјата и зеленчуците.
Уметникот кој ги насликал се викал Кристофано Џерарди, и бил ученик на многу попознатиот Џорџо Васари, кој ги терал сликарите под негово менторство да работат со вистинско овошје, како дињи, краставици или тикви кои растеле на блиските полиња.
Некои од видовите, на пример белата краставница, сега е реткост во Умбрија. Но Дала Раџоне успеала да ги идентификува повеќето видови насликани од Џерарди, споредувајќи ги со архивските информации и усните истории собрани во текот на истражувањето со нејзиниот татко.
Следувала анализа на поголем број ренесансни слики. Една од нив, на германскиот мајстор Албрехт Дирер од 1526, која во моментов се чува во галеријата Уфици во Фиренца, се вика „Богородица и дете со круша“, а голем број текстови во врска со оваа слика се занимаваат со симболичкото значење на крушата. Но Дала Раџоне, според специфичната форма на врвот на овошката, сфатила дека станува збор не за круша, туку за посебен вид јаболко наречено „воловска уста“, древен вариетет кој претходно го нашла во напуштено поле близу Перуџа, а кој сега расте на нејзиниот имот (фото горе).
На друга пак слика, на Франческо Скаврциони, „Богородица со дете“ од 1460 која се чува во Берлинскиот државен музеј, уметникот насликал овошка десно од стапалата на Исус, за која повеќето историчари на уметност тврдат дека е јаболко. Но со анализа на стари ракописи истражувачката сфатила дека всушност станува збор за тн. pera verdacchia, вид круша кој најчесто се користи за печење и правење пити „кростати“.
Откако ќе најде вакво заборавено дрво, Дала Раџоне сади три примерока од него и ги нуди за „посвојување“ преку сајтот на Археологија Арбореа. Некои „посвојувачи“ се дури од Австралија и САД. Таа самата се грижи за околу 600 стебла годишно. Како резултат на своите истражувања во 2009 објавила и книга под наслов „Зачувување на природните овошки и зеленчуци во насадите, написите и сликите од горниот тек на Тибар од 16-18 век“.