За феноменот на тоа возрасни луѓе да земаат боички во рака и да пополнуваат вињетки од цвеќенца претходно пишувавме тука, поздравувајќи ја оваа активност како начин човек да се издиши, да изгаси компјутер, и во тишина да си цртка. Но очигледно и тоа не е доволно релаксирачки, штом се оди уште едно ниво понатаму - боење, ама пцовки и мрсни зборови.
До сега има неколку такви изданија со живописни наслови („Заеби, земи бои“, „Заеби, земи бои 2“, „Шупак: мантри и пцовки за намалување на стресот“ итн.), очигледно успешни штом веќе почнаа да се појавуваат варијанти на тема. Најновото се вика „Пцовки од различни делови од светот“. Ја има во луксузно и „обично“ издание на хартија, како и дигитална копија со 38 страници кои можат да се печатат и потоа бојат. Секој од дизајните е придружен со дефиниција на „лошиот“ збор, водич за изговор, како и географската локација на која тој може да се сретне.
Од „халту кафти“, исландски за „ај доста јадеш гомна“, „чутија“ што на хинди значи идиот, до „кабрао“, португалски за копиле, боењето на овие зборови би требало да има терапевтски ефект, и да надомести за тоа што преку ден меѓу луѓе морате да глумите „финоќа“ и да не пцуете и навредувате. Нормално, веднаш го замисливме нашето „У пичку матер“, украсено со ружички и онакви барокни ангелчиња.
Ако ова ви има смисла, нарачајте си ја книгата тука. Ако пак сте повеќе за аналогна терапија, излезете на тераса и извикувајте си ги зборовиве, на македонски.
Поврзано: Кратка историја на пцуењето