Симболи наместо ноти

„Анкрасмација" - кодниот нотен систем на Вадада Лео Смит

Не дека ни се пријатели, ама Скопскиот џез фестивал оваа година има навистина интересна програма. Меѓу другите, на 19. октомври во МОБ ќе настапи авангарден трубач и композитор, кој во 2012 беше финалист за музичкиот Пулицер. Една од неговите иновации - графички систем на пишување партитури, кои овозможуваат голема слобода на изведување.

Во западната музичка традиција петолинието и точкестите ознаки се имаат востановено како универзален јазик и најефикасен начин за комуницирање на музички идеи. Меѓу првите кои се обиделе да го деконструираат овој систем биле Штокхаузен и Кејџ, кои во 50-тите на 20 век почнале да ја третираат нотацијата полежерно, не како догма туку како нешто со кое може да се игра, и кое може да биде персонализирано.


Ваквите „графички партитури" имаат и естетска вредност, бидејќи изгледаат како уметнички слики - во 1968 Кејџ и Алисон Ноулс ја објавиле „Нотации", збирка експериментални партитури во форма на визуелни, графички прикази од дури 269 композитори, вклучително и ракопис за песната „Зборот" од Битлси, од нивниот албум Rubber Soul. Ja oдбравме горнава во форма на спирала на композиторот Џорџ Крамб, за композиција под наслов Макрокосмос (галерија на повеќе примери на графички партитури тука).

Ишмаел Вадада Лео Смит се надоврзува на оваа традиција - автор е на „Анкрасмација“, метод на пренесување идеи од композиторите до музичарите, кој остава голем простор за лична интерпретација на напишаното. Така, тоа станува повеќе назначено отколку пропишано. Тоа е музички јазик кој нема никаква врска со стандардниот нотациски систем, туку повеќе со интуицијата и фантазијата.

Името на методот доаѓа од Анк, египетскиот крст, рас - етиописки збор кој значи водач, и мас - мајка. За подобро разбирање на неговиот систем, погледнете го ова 9-минутно видео. И дојдете да го слушнете на Џез.

12 октомври 2014 - 20:40