Како што покажуваат снимките од воздух, на инаугурацијата на Трамп имаше „двајца без тројца“ во споредба со бројот на луѓе кои се потегнале до Вашингтон кога претходниот пат беше инаугуриран Обама. Но портпаролот на Белата куќа, на првата прес конференција на новото работно место, на која доцнеше повеќе од еден час, со поглед на човек кој е на „нешто“ и агресивен тон рафално удри по собраните новинари, велејќи дека лажат за т’нката бројка. Со тоа не само што самиот излажа, туку и објави војна и на реалноста. Но неговата колешка, портпаролката на Трамп, Келијан Конвеј, отиде чекор понатаму. Во интервју таа изјави дека не се работи за лага туку за - алтернативни факти!
Еден од резултатите на овој настан? Вртоглав пораст на продажбата на Орвеловата „1984“ на Амазон, после која издавачите одлучиле да допечатат нови 75,000 копии. Да им се најдат ако случајно администрацијата на Трамп повторно излезе со некое ново креативно решение - синоним за „л’жга“, покрај досегашните поствистина и алтернативен факт.
Така, „новоговорот“ (newspeak) на Орвел станува „вестиговор“, начин на размислување пласиран преку медиумите, кој ви поттикнува два контрадикторни става, и ве тера обата да ги прифатите беспоговорно. Тој не е само збир на нови зборови, туку свесна замена на едни зборови со други, со што се оневозможува секаква помисла за критичка мисла и социјален отпор, замена која не е само лингвистичка туку и ментална.
Карактеристиките на овој дискурс Орвел ги наведува во апендиксот на „1984“, под наслов „Принципи на новоговорот“ (целиот во долното видео). Тој сиот речник го дели на три одделни категории, А, Б и В. Под А спаѓаат зборовите од секојдневниот живот, кои се затапени со необични префикси, како „нестудено“ за топло, „плусстудено и двојноплусстудено“ за многу студено итн. Б ги содржи кованиците како „Минипакс“ (Министерство за мир, односно за војна). Третата група е најморничава, бидејќи содржи научни и технички термини, при што збор за „наука“ воопшто нема, како и куп други кои се или испрани од нивните неподобни значења или целосно избришани.
Така преводот на дела од минатото на новоговор станува невозможен. Орвел го користи примерот со Декларацијата за независност, во која „Сите луѓе се еднакви“ преведено на новоговор би значело само дека тие се еднакви по висина, тежина или сила, што секако не се. „Слобода“ постои како збор во новоговорот, но само во смисла на (на пример): Ова куче е слободно од болви. Сите останати битни концепти и зборови кои повикуваат на здрав разум и на факти се водат под - „зломислие“.