Албер Ками бил убиен од КГБ?

Нова книга, која содржи архивски документи откриени во 2011, тврди дека постојат индиции дека Франција учествувала во организацијата на сообраќајната несреќа во која почина Албер Ками.

Шеесет години откако францускиот нобеловец Албер Ками почина во сообраќајна несреќа на возраст од 46 години, нова книга тврди дека тој бил убиен од агенти на КГБ, поради неговата анти-советска реторика.

Италијанскиот автор Џовани Катели ја промовираше својата теорија во 2011, со напис во весникот Кориере дела сера. Во него тој тврди дека открил забелешки во дневникот на чешкиот поет и преведувач Јан Забрана, кои сугерираат дека смртта на Ками не била несреќен случај. Сега Катели го проширува истражувањето во книга под наслов „Смртта на Ками“.

Ками починал на 4 јануари 1960 кога неговиот издавач Мишел Галимар загубил контрола над своето возило и удрил во дрво. Писателот починал на лице место, а Галимар неколку денови подоцна. Три години пред трагичниот инцидент, авторот на „Странец“ и „Чума“ ја доби Нобеловата наградата за „осветлување на проблемите на човечката свест во нашите времиња“.

„Несреќата се случила заради испаѓање или кршење на осовина; експертите се прашувале како е можно ова, со оглед на тоа што станувало збор за долго парче прав пат, широк 10 метри и со слаб сообраќај“, напишал Херберт Лотман во својата биографија за авторот од 1978.

Катели верува дека дел од дневникот на Забрана го содржи објаснувањето: поетот летото 1980 напишал дека „човек со добри познавања и врски“ му кажал дека виновник за несреќата е КГБ. Тие наводно поставиле некаква справа на гумата, која ја продупчила при висока брзина.

Наредбата наводно дошла од Дмитри Шепилов, министерот за внатрешни работи на тогашен СССР, како реакција на статија на Ками во францускиот весник Франк-Тирер објавена во март 1957. На службите им биле потребни три години да ја извршат наредбата. На крај успеале, и тоа на начин кој ја уверил јавноста дека Ками умрел поради обична сообраќајка. Тој претходно јавно го поддржал отпорот на Унгарија од есента 1956, и бил критички настроен кон советските акции. Исто така го промовирал делото на Борис Пастернак, кој од руските власти бил сметан за анти-советски елемент.

Катели со години го истражувал тврдењето на Забрана. Во својата книга тој ја интервјуира неговата вдовица, Мари, и ја истражува инфилтрираноста на КГБ во Франција. Ќерка му на Ками пак, Катерин, не ја поддржала книгата, која сепак излегла во Франција, Аргентина и Италија, добивајќи ја поддршката од автори како Пол Остер. Тој во поговорот на книгата го нарекува арументот на Катели „убедлив“, а „несреќниот случај“ со смртта на Ками - политичко убиство.

Други пак велат дека Забрана, со оглед на тоа што самиот бил гонет од комунистичкиот режим, имал добра причина да го мрази истиот и да го обвинува за се и сешто. Истовремено, вмешаноста на највисоките француски фунционери, меѓу кои и на Де Гол, изгледа неверојатно, со оглед на тоа што и самиот бил писател, и имал голема почит за француските интелектуалци, па дури и за оние кои не се согласувале со него.

извор

6 декември 2019 - 07:41