„Денес на Нетфликс беше премиера на нова турска серија (не од типот на Лисјата паѓаат) во која има улога нашата актерка Билјана Јовановска. Мене ми е чудно како ниеден медиум не напиша за успехот на Билјана или можеби ниеден медиум не знае. Мислам дека оваа вест заслужува да биде објавена и споделена“.
Вакво писмо стигна во нашето сандаче и веднаш нè интригира. Кликнавме на линкот за серијата и ја изгледавме во еден здив. Потоа ги пребаравме сите Билјани Јовановски на Фејсбук, па на Твитер, на крај ја најдовме страницата на вистинската. Еден мејл, па друг. Нејзината приказна е интересна од повеќе аспекти, а пак серијата навистина не е она што вообичаено го подразбираме под „турска“.
"Wild Abandon" (што во контекст на серијата би можело да се преведе како „Диво бегство“), во оригинал е насловена со презимето на централните ликови односно семејството за коешто станува збор. Соочувајќи се со средовечна криза, Октај Ујсалар, сопруг, татко и архитект, чувствува дека остатокот од животот ќе го помине во работа, далеку од возбудите на своето анархистичко, панкерско минато. За да биде уште посимболично, неговиот најнов проект се однесува на дизајнирање ЗАТВОР, токму она што тој чувствува дека се гради околу него секојдневно. Почнува да води двоен живот, навечер со дречлив мохавк во сквотови со другарите-панкери, преку ден во одело во луксузен стан со сите салтанати.
Во тоа конзумеристичко општество, кое им се потсмева на традиционалните вредности, како семејството или „јаваш-јаваш“ сензибилитетот, никој не е среќен со она што го има, сака нешто друго и поинакво, иако не секогаш знае што е точно тоа. Уште во првата сцена сопругата на Октај, Нил, на лицето има чудна маска за која набрзо сфаќаме дека се завои од пластична операција која таа смета дека ѝ е потребна за по голема пауза повторно да најде работа. Синот-тинејџер посетува терапевт и често импулсивно лаже, а малата ќерка е опседната со светските проблеми, дека во светот има сиромашни деца без мобилен, и дека луѓето се отуѓуваат од своите комшии. Уште една симболика е „Семејна среќа“, новелата на Толстој која се појавува во првите сцени, и веројатно асоцира на незадоволството со кое се соочуваат главните ликови на оваа новела, младата жена која копнее по тоа да биде дел од елитата во Петербург, и мажот кој го презира ваквиот според него лажен живот. Таткото на Октај пак има своја тајна - дека имал љубовница, Софија, додека жена му умирала, а во Истанбул е дојден за да ја пронајде и да ја убеди заедно да го продолжат животот.
Така стигнуваме до Билјана Јовановска во улогата на Софија. Нејзината појава е сериозна и стамена, и таа е единствена помеѓу ликовите што навистина знае што сака и е подготвена да ги поднесе неопходните жртви. Онолку колку што може да се процени, во нејзиниот говор нема ништо што асоцира дека таа е странска актерка, за што сценаристите би морале да смислуваат некакво оправдување на нејзиниот акцент. Ова беше добра почетна точка на нашиот муабет.
Не е вообичаено Македонка да глуми на кој и да е странски јазик, а уште понеобично е ако станува збор за улога на турски. Твојата актерска приказна во оваа смисла е многу интересна и не многу позната. Како се случи да студираш во турската класа на ФДУ, потоа да бидеш хонорарно ангажирана во Турскиот театар а денес да си дел од МНТ?
Уште како бебе, татко ми, тогашен фудбалер сегашен тренер, добива ангажман во Турција и тогаш почнува мојата врска со Турција. Низ годините, неколку пати се селевме на релација Македонија- Турција, така што јазикот успеав, како-така, да го одржам во некаква форма. Пресудниот момент за да запишам во турската класа, е кога мојот драг пријател и колега, Аксел Мехмет, ме сретна случајно на улица, во момент кога решавав да пробам да се запишам ФДУ и ми рече: „Ај ма да те прајме турска глумица“, и ете станав. Благодарение на поддршката на моето семејство и моите пријатели, трпеливоста на моите професори, Елјеса Касо, Атила Клинче, Кренаре Невзати, Владо Цветановски и деканот Данчо Чевревски, успешно дипломирав во 2011 год. Уште како студент, почнав редовно, хонорарно да играм во Турски театар, како и да снимам турски серии, соработувајќи со едни од најдобрите македонски и турски, актери и режисери. Од 2015 год. сум дел од ансамблот на Македонскиот народен театар.
Кога кај нас ќе се каже „турска серија“ вообичаено се мисли на оние кои се прикажуваат на нашите телевизии и главно имаат љубовно-социјална тематика. Истиот термин често се користи во пежоративна смисла, како нешто што е кич и со понизок квалитет. Колку е фер ваквата карактеризација на турската телевизиска и филмска продукција? Колку (не) знаеме за неа?
Телевизијата е моќен медиум. Мислењето на народната маса, претежно се формира следејќи ги телевизиските вести, емисии, серии итн. На нашите телевизиски програми, се прикажуваат турски серии со тематика која веќе ја спомнавте, занемарувајќи го цел останат сектор од оваа област, кој се бави со поинаква тематика и естетика. Телевизиите, сами го одредуваат пакетот што им го сервира на јавноста, така што е нормално луѓето да имаат такво мислење. Поинаку не виделе. Истото табу, беше и со шпанските серии, сега, сите ја гледаат La casa de papel. Факт е дека во Турција во минатото, претежно се снимаа серии и филмови со жалопојна тематика, но во последниве 15 год. постои бран на режисери и сценаристи кои ги интересира да прикажат модерно согледување на реалноста, со актуелни проблеми и карактери. Со појава на дигитални платформи, овие серии се веќе широко достапни, така што верувам дека мислењето на народот во врска со турските серии, драстично ќе се смени.
Како дојде до твојот ангажман во серијата „Ујсалар“ или како што гласи насловот на Нетфликс, Wild Abandon? Дали ова ти отвора нови врати и во Турција и пошироко?
Мојот ангажман во „Ујсалар“ е резултат на претходните ангажмани и кастинзи за турскиот пазар. Играв во сериите „Збогум Румелија“ и „Последно лето на Балканот 1912“, така што на тамошните кастинг директори, не сум им непозната. 10 години, откако се снимаа овие серии, ми се јави мојата сегашна менаџерка, Ајфер Абдурахман, со понуда за нов проект во продукција на Нетфликс.
Звучеше убаво, ама далечно и малку неверојатно. Почна кастинг процесот и се се одвиваше мазно, без никакви препреки. Режисерот на серијата, Онур Сајлак, прецизно се изразуваше што сака да види и добие од мене како актер, така што после неколку недели интензивни аудиции, стигна вест дека ја добив улогата. Се спакував и неколку месеци живеев во Истанбул, каде што се снимаше серијата.
Секое снимање и секоја шанса што еден актер ја добива е уникатна и драгоцена. Со ова снимање, ми се потврди тезата дека, актерот во едно општество има посебна и специфична улога и со право се става на пиедестал, со тоа што во некои земји тоа е кристално јасно, а некаде допрва се разјаснува. Снимањето се случуваше во „жижата“ на пандемијата, но и покрај тоа се одвиваше беспрекорно и професионално, што за мене е уште еден показател, дека кога секој си ја знае и посветено ја работи работата, производот несомнено е осуден на квалитет. Со оглед на тоа дека ми се даде шанса за соработка со врвна светска екипа, се надевам дека за наредниот ангажман нема да треба да чекам 10 години (смајли), и вратите во оваа индустрија се колку-толку поотворени од претходно.
Серијата зборува за јазот помеѓу модерноста и традицијата и неговото влијание врз семејните, професионалните и други односи во турското општество. Сите ликови имаат некаква тајна, па и твојот. Како го доживеа сценариото кога прв пат го прочита?
Првпат кога го прочитав, не замислував дека ликовите и приказната ќе бидат прикажани „откачени“, на моменти дури и бизарни, со цел да се постигне ефектот на губењето на семејните вредности, како и индивидуалниот дух. Ова е нешто што се случува низ цел свет, не само во Турција. Човекот, растргнат помеѓу потребата да си угоди материјално и да ја задоволи фамилијата, како и работните обврски, попатно ги губи основните елементи од тоа што значи да се биде човек.
Ликот на Софија, секако припаѓа во хаосот на пронаоѓање на правилно и погрешно, но може да се каже дека е еден од почовечните ликови во серијата. И таа има тајна, но таа тајна, ја знае токму оној кој му е место да ја знае, без никому да наштети, за разлика од другите ликови кои се до немајкаде извитоперени и вплеткани во тајни и лаги, прво пред самите себе, а после и пред остатокот од светот. Задоволна сум од целокупниот производ, но немав замисла дека „јазикот“ на серијата ќе биде баш ваков и тоа е она што ме радува.
Во твојот професионален профил е наведено дека поседуваш акробатски и музички вештини. Колку е важна ваквата сестраност и доброто познавање на странски јазик, за кариерата на еден актер?
Секоја вештина, на кој и да е професионален план, значи плус за самата индивидуа и е пожелна. За актерите не само што е пожелна, туку и е неопходна, затоа што тоа е нештото што те детерминира во професионалниот свет. Се разбира, сите луѓе се посебни на свој начин, но кај актерите таа посебност мора да биде лесно воочлива. Мојата посебност е во тоа што говорам неколку јазици, како и еластичноста на моето тело. Второто ми е вродено, но цел живот избирам периферно да правам нешта што ми ја одржуваат таа еластичност (жонглирање, карате, одење по јаже итн). Овие посебности не ми се доволно, така што секој ден се будам со помислата дека има уште толку многу работи што сакам да ги научам и некогаш дури ме фаќа паника дека нема да стигнам за овој животен век.
Илина, Букбокс