Статија објавена во Тајм во ноември 1964 - кога Република Замбија била стара само една недела - го опишала Едвард Мукука Нколосо како „наставник по природни науки и директор на Националната академија за наука, вселенски истражувања и филозофија на Замбија“. Нколсо имал план да ги претрка САД и СССР во трката кон месечината. А за тоа се подготвувал напорно - обучувајќи 12 замбијски астронаути, меѓу кои и една убава 17-годишна девојка, со тоа што ги вртел околу дрво во некакво буре и учејќи ги како да одат на раце, „единствениот начин на кој луѓето можат да одат на месечината“.
Според детален текст на темата објавен во Њујоркер, неуспехот на програмата тој го припишувал на „империјалистичките неоколонијалисти“, на кој им бил наапан уште од времето на Втората светска војна, кога бил регрутиран од Британците во северно-родезиските сили. Сепак, токму во тоа време почнал да се интересира за наука, а кога се вратил дома илегално основал сопствено училиште, кое му го затвориле токму Британците. Ова било поттик тој да се придружи на движењето на отпорот, да стане „политички агитатор“ и месијанска фигура на ослободител, што завршило со негово апсење од колонијалните власти.
Некои истражувачи велат дека по тортурите што ги истрпел додека бил во затвор едноставно откачил. Но има и такви кои сметаат дека ова со вселенската програма било само покритие за тој да ги обучува „афронаутите“ за герилско политичко дејствување.
Теренот каде што се одвивала обуката била напуштена фарма на 11 километри од Лусака. Мисијата се состоела од испраќање на 17-годишната Мата Мвамбава и две мачки на Месечината. А луѓе требало да бидат испратени и на Марс, но со посебна, христијанска мисија за преобраќање на „примитивните“ Марсовци, со што Замбија би станала „контролор на седмото небо на меѓуѕвездениот простор“. Сепак, христијанството не смеело да се шири насилно.
Ракетата, по име Д-Калу 1, била наречена по првиот претседател на земјата, Кенет Каунда, а била изработена од алуминиум и бакар, во форма на буре. Лансирањето требало да се случи на денот на независноста на земјата, 24 октомври 1964. Нколсо се обратил на УНЕСКО за голем грант, а побарал и огромни пари од „приватни странски извори“. Замбијските политичари постојано морале да се оградуваат дека човекот бара пари за приватен проект а не од име на земјата.
Нормално, тој - амбициозниот проект - набргу пропаднал, и тоа не само заради недостаток од пари, туку и заради неочекуваната бременост на астронаутката Мата. Нколосо подоцна се кандидирал (неуспешно) за градоначалник на Лусака, а во изборните ветувања му спаѓала и поддршка на бајачите и бајачките. Ликот на Нколосо станал икона на Афрофутуризмот, движење кое претставува мешавина на „црна уметност и технокултура“, чиј претставник се смета и музичарот Сан Ра, кој се трансформираше од Херман Пол Блунт од Алабама во вонземјанин од Сатурн кој проповеда мир и хармонија.
Краток филм (14 мин) со наслов „Афронаути“ кој се прикажа на Санденс 2014
Види претходно: Сликовница за џез музичарот кој тврдеше дека е од Сатурн