Аферата со трансфузија на животинска крв која ветувала „вечна младост“

„Ксенотрансфузија“ е пренесување крв од вените на еден вид во друг, најчесто помеѓу не-човечко животно и човек. Ова било мода во 1660-тите во Париз, кога најбарана крв била онаа од физиолошки и морални чистите козички и јагниња. 

Пролетта 1667 високите кругови во Париз биле потресени од афера која вклучувала домашни животни и користење нивна крв за терапевтски цели. Експериментите станале познати како аферата „Трансфузија“, и биле тема на судски спорови, оговарања и филозофски дисертации. 

Во центарот на оваа контроверза било името на Жан-Батис Денис (Jean-Baptiste Denys) француски лекар, тогаш тазе доселен во Париз, кој експериментирал со животинска крв за да лечи различни болести, особено лудило, и да го продолжи животот. Заедно со талентиран колега-хирург, тој пренесувал мали количества крв од каротидите на телиња, јагниња и козички во вените на пет болни човечки пациенти. Двајца од нив умреле, но тројца наводно биле излечени и подмладени. Ова се прочуло во високите кругови, гладни за научни откритија, особено за медицински терапии. 

Аферата поттикнала еден куп памфлети и научни извештаи, дури се замешала и во поезијата. Но не сите биле ентузијастични во врска со ова. Антитрансфузионистите главно произлегувале од Медицинскиот факултет во Париз, кој (колку и да звучи чудно од денешна перспектива) официјално негирал постоење на систем на циркулација на крвта во човечкото тело. Тие добиле на сила откако поранешен слуга на некоја „мадам“, кој страдал од психичко пореметување, најверојатно предизвикано од сифилис, починал по третата трансфузија која му ја направил Дени. Првите две поминале одлично, тој добро се опоравувал, но по третата нештата тргнале наопаку. Сопругата на пациентот брзо-брзо го погребала пред да може да биде извршена аутопсија и поднела тужба до парискиот суд. По долг процес, Дени бил ослободен, откако се утврдило дека вдовицата всушност го отрула мажот ѝ со арсен, а тројца неименувани доктори од спомнатата Париска школа ја подмитиле за да го обвини Дени. 

Сето ова резултирало со тоа што парискиот парламент во 1670 им забранил на докторите и хирурзите да вршат трансфузија на крв под закана на физичка казна, санкција која траела до периодот по Француската револуција. 

Аферата „Трансфузија“ била драматичен климакс на меѓународното ривалство кога станувало збор за тоа кој ќе доминира во науката, еден вид „крвна трка“ помеѓу Англија и Франција која ја поттикнале двајцата тогаш актуелни монарси на овие земји. Но зошто Жан Дени верувал дека крвта на одредени животни би можеле да го освежат човека и да му ги олеснат маките? Веројатно клучот за ова е во еден необичен биографски детал. Жан бил син на Клод Дени, кралскиот инженер за фонтани и поет. Тој учествувал во инсталацијата и одржувањето на инфраструктурата на пумпи и канали во градината во Версај и кралскиот лавиринт. Блискоста на таткото и синот веројатно влијаело врз прифаќањето на хидрауличниот модел на телото на вториот, кој освен тоа бил и ученик на Рене Декарт и го поддржувал истото. 

Но освен техничкиот аспект, помладиот Дени со таткото делел и голема љубов кон животните, особено кон бебињата јагниња и кози, кои според него биле физиолошки и морално почисти од човекот. Така, тој бил убеден дека крвта на овие животни е супериорна во споредба со човечката, бидејќи во неа нема „отрови“ кои ги лачи злата човечка природа. Тоа го изразил во следниов спис:

„Лесно е да се заклучи дека животинската крв е почиста од онаа на луѓето, бидејќи претерувањето во јадење и пиење кај нив не е толку вообичаено како кај нас. Тагите, грижите, гневот, меланхолиите, вознемиреноста и генерално сите страсти кои се извор на човечките неволји ја нарушуваат крвната супстанца; наместо тоа, животот на животното е многу подобро регулиран и помалку изложен на овие мизерии, страшни последици на гревот на нашиот прв татко, Адам“. 

24 март 2023 - 08:16