Адолф ја затвора вратата од административната канцеларија на Виенската академија за ликовни уметности. Во раката го држи листот со одлуката, но веќе не го гледа - доволно е што зборовите му се врежани во умот: „Не може да се јави на приемен“. Неговата апликација е одбиена како недоволна. Годината е 1908, а тој има 19 години. Ова е неговото второ и последно дозволено одбивање.
Излегува на улица и без цел талка низ виенските булевари на Рингштрасе. Ги поминува Бургтеатарот, Парламентот, Операта - градби што ги обожувал уште од детството и кои ги цртал безброј пати. Го знае секој столб и украс. Неговите акварели верно ги прикажуваат фасадите со точни пропорции и прецизни перспективи. Но комисијата не ги прифаќа. Веќе претходно му забележале дека црта премалку човечки фигури и дека нема доволно познавање на анатомијата - може да црта згради, но не и тела.
Можеби татко му бил во право. Алојз, поранешен цариник, сакал синот да стане државен службеник, но Адолф тврдоглаво одбивал и повеќе сакал да скицира. Во средното училиште во Линц резултатите му се влошиле. Татко му знаел и да го тепа, додека мајка му Клара, многу помлада и нежна, го тешела.
Како дете, Адолф страствено читaл книги за уметност и им се восхитувал на акварелите со виенски пејзажи. Сонувал да студира архитектура и да слика монументални градби. Во 1906 година првпат ја посетува Виена и е маѓепсан од империјалниот град — со часови шета по центарот, ги разгледува музеите и оди во Опера. На пријателот Август Кубичек му пишува за величествената архитектура. По враќањето дома има само една цел - да влезе на Академијата за ликовни уметности, престижна институција што ја смета за врв. Додека модерните уметници како Климт ги рушат академските правила, Адолф останува приврзан кон класичниот стил и сака верно да ги репродуцира историските градби.
Во 1907 година мајка му е тешко болна од неизлечив рак, но сепак го охрабрува да замине во Виена. Тој се подготвува за приемниот. Од 113 кандидати, 78 влегуваат во главниот круг и тој првично поминува. Но по цртачките тестови следи конечната одлука: „недоволно“ - недостасуваат анатомски вештини. Директорот дури му советува да се насочи кон архитектура.
Не му кажува никому за неуспехот, ни на болната мајка, ни на пријателот. Се враќа во Линц, каде Клара умира по тешки маки во декември 1907 година. Неговата тага е огромна, а семејството останува и во тешка финансиска состојба.
По зимата повторно решава да оди во Виена и го повикува Кубичек да живеат заедно. Се сместуваат во мала, сиромашна мансарда. Кубичек студира музика и вредно работи, сонувајќи да стане диригент. Адолф, пак, тврди дека посетува часови на Академијата. Но тоа е лага. Тој не признава дека веќе бил одбиен, а пријателот, зафатен со своите студии, ништо не насетува.
Сето ова и така наскоро нема да биде битно. Адолф конечно ќе дојде до посакуваната слава, макар и привремено. Но сосема е можно некаде длабоко до крајот да било врежано одбивањето што го доживеал од своите замислени колеги-сликари, кои веројатно не го ни запомниле неговото презиме. Хитлер. Адолф Хитлер.
извор
Негови ликовни дела тука