Во 1974 Абрамовиќ изведе опасен експеримент. Во галерија во Белград на маса стави 72 предмета и ја покани публиката да ги употреби на неа како што сака. Меѓу нив имаше маслиново масло, ружи, но и наполнет пиштол. Најпрвин публиката била воздржана, но многу бргу влегла во улогата на мачител. Некој го зел трнот од ружата и ѝ го забил во стомак.
„Бев спремна да умрам, драга. Публиката може да те убие", ѝ вели таа на новинарката на Гардијан во обемното интервју, објавено по повод нејзиниот нов проект.
На 67 години таа планира да помине 512 часа во галеријата Серпентин во Лондон, но без и она малку структура која ја имаше нејзиниот антологиски перформанс во 2012, „Уметникот е присутен", кога таа мина 736 часа и 30 минути неподвижна и во тишина, гледајќи им в очи на посетителите кои седеа спроти неа, „давајќи им безусловна љубов". Сега таа нема да може ни да седи, затоа што едноставно ќе нема столче, а ни маса. Наместо тоа, секој ден од 11 јуни до 25 август Абрамовиќ ќе шета околу галеријата, каде посетителите ќе можат да ја гледаат но само доколку ги остават капутите, часовниците и сите нивни апарати на рецепција.
„Сега ќе бидеме само јас и публиката. Ги тргнав сите предмети. Но соочувањето..Никогаш не сум направила ништо толку радикално. Ова е најнематеријалното што може да биде", вели таа.
Што има уметничко во тоа жена да се шета низ галерија? Од друга страна слично глупо звучеше и описот на претходниот перформанс, па фактот што Абрамовиќ се подложи на екстремни физички и ментални напори изврши големо влијание врз публиката, барем од она што имавме можност да го видиме на фотографиите и видеата. Ако сега навистина бидат отстранети сите предмети кои би стоеле на патот на комуникацијата со публиката, вклучително и апарати и камери, тоа сигурно ќе го засили интимниот ефект на средбата.
„Ритам 2“ со Улај od 1980, каде тој неколку минути ја затега тетивата со тежината на неговото тело, а стрелата е вперена право во срцето на Марина
„Лесно е да правиш работи кои ти се допаѓаат. Но ако се соочиш со она од што се плашиш стануваш подобар човек. Цената? Цената е висока. Многу осаменост, драга. Ако си жена, невозможно е да воспоставиш врска. Премногу си им на сите. Жената секогаш треба да игра улога на ранлива и зависна. А ако не си таква, тогаш тие се фасцинирани од тебе, но само за кратко. Потоа сакаат да те променат и да те скршат. И потоа си одат. Значи, голем број осамени хотелски соби, драга".
Абрамовиќ за новиот проект вели дека ќе биде тежок и заради уште една причина - студеноста на британската публика, која знае да биде саркастична и лесно да ѝ стане здодевно. Но токму тоа е и предизвикот. „Јас сум навистина воин на уметноста", вели таа без лажна скромност. „кога правам нешто го правам како што треба. Потоа доаѓа другата Марина, и таа е мног укршлива и многу суетна, и сака да јаде сладолед".
Ја замислуваме како шета низ Музејот на националната борба, со Снежец во рака и се обидува да воспостави контакт со восочните фигури. После тоа одлуката за пензионирање веројатно ќе биде полесна.